Search
Search

Еден косовски полицаец е убиен, а двајца се повредени на северот на Косово

Еден косовски полицаец е убиен, а двајца се повредени во пукање што се случило рано утринава во областа Звечани, на северот на Косово, потврди косовската полиција.

Косовскиот премиер Албин Курти исто така го потврди пукањето на социјалната мрежа „Фејсбук“, наведувајќи дека полицијата била нападната во селото Бањска и нападот го нарече терористички чин.

Курти истакна дека овој организиран криминал кој се случува е со „политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград“.

Косовскиот премиер информираше и дека убиениот полицаец бил наредник.

Останатите двајца полицајци се надвор од животна опасност и се на лекување во Приштина.

„Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје“, напиша Курти на социјалните мрежи утрово околу 7.30 часот.

Тензиите на северот на Косово траат од мај, кога општините на север, претежно населени со Срби, не примија нови градоначалници Албанци.

Ситуацијата повремено ескалираше во насилство, а меѓународната заедница побара од Косово да работи на смирување на тензиите.

 

АКТУЕЛНО