Search
Search

Единица за службени кучиња – најдобрите пријатели на човекот и чувари на безбедноста

Функционирањето на полицијата е речиси незамисливо без ангажманот на службените кучиња.

Сместени недалеку од центарот на градот, просториите на Единицата за службени кучиња на МВР се дом на дузина расни кучиња кои за разлика од домашните миленичиња, се во секојдневен тренинг и секако работа.

Овие четвороножни припадници на полицијата успешно бараат и откриваат експлозиви, дрога, оружје, но и пари. Нивниот учинок не е занемарлив, а нивната посветеност секако е за секоја пофалба.

Во составот на единицата има кучиња од расите белгиски и германски овчар, како и лабрадори. Секое куче си има свој водич, припадник на Министерството за внатрешни работи, со кој заедно ги извршуваат работните задачи.

Единицата е формирана далечната 1949 година во рамки на поранешната СФРЈ и од тогаш па до денес низ неа минале десетици генерации службени кучиња кои дале и се уште даваат придонес во одржувањето на безбедноста.

Како се тренираат и што откриваат службените кучиња?

Тренингот на едно куче започнува уште по првите 30 денови од раѓањето, односно од нивното прогледување, а за што едно куче ќе се профилира да бара е процес кој трае од третиот месец до неговата прва година.

Во Единицата постојат кучиња кои се специјализирани за пронаоѓање дрога, оружје и муниција, експлозиви и пари, а со самото тоа и сторители на кривични дела.

Оние кучиња кои се повеќе темпераментни се задолжени за оружје и муниција, наркотици и пари, додека задачата за пронаоѓање експлозиви им е доверена на помалку темпераментните раси, односно најчесто на лабрадорите, но и белгиски овчари кои се со посмирен темперамент.

Во досегашната работа овие службени кучиња имаат пронајдено огромна количина на дрога, многу оружје, но и сериозен износ на пари во готовина.

Експлозив досега не е пронајден, но во текот на повеќедецениското работење на Единицата пронајдена е една рачна бомба.

На терен со кучиња се излегува по барање на другите единици од полицијата (СВР, организиран криминал и сл), додека кучињата за пронаоѓање експлозив излегуваат секогаш кога има меѓународен спортски настан, голем концерт и пред секое пристигнување на странски делегации.

Особено зголемен ангажман на кучињата задолжени за експлозив се случувало во периодот на сајбер заканите и масовните дојави за бобми каде оваа и Единицата за антитероризам секојдневно правеле и десеттина проверки на објекти.

Според кажувањето на началникот на Единицата Игор Пешовски, годинава по 16 години повторно е формирано легло на мали кучиња, со кои ќе може да се обновува фондот на службени кучиња, Претходно, кучињата биле добивани како подарок.

За нивното здравје се грижи ветеринарен доктор вработен од неодамна, а за посложени интервенции, Единицата има склучено договор со ветеринарна амбуланта.

Нивниот работен век е помеѓу осум и десет години.

Од презетнацијата и ние се уверивме како кучињата успеваат да пронајдат експлозив, пари, па дури и дрога која беше закопана во земја.

По откривањето на бараниот предмет, кучето седнува и ја чека наградата од својот водич, која се состои од галење и фрлање на топче – толку е потребно, велат водичите, за кучето да се почуствува исполнето.

Се специјализираат и кучиња за пребарување на луѓе, но и постоење отрови во храна

Посветуваме внимание за дресура на кучиња за хумана употреба, односно, нивно учество во пронаоѓање на жртви од земјостреси, лавини, поплави и изгубени изнемоштени луѓе, вели началникот Пешовски.

Како што тој најави, во периодов, се работи и на тренирање куче за детектирање на отров во храна, со што ќе се превенира на случаите за намерно труење на бездомни кучиња, што досега го немало во нашата држава.

Единицата прераснува во Регионален центар за обука на Балканот

„Оваа единица согласно Мисијата на ОБСЕ станува регионален центар за обука на кучиња, каде што во наредниот период ќе се спроведуваат обуки за полициски службеници – водичи за службени кучиња за потребите на нашата и други држави. Тоа за првпат се случува. Во рамки на тој проект се гради и модерен центар во касарната во Ѓорче Петров каде ќе се врши обука за служебни кучиња за нашите потреби и за потребите на државите околу нас“ вели Пешовски, додавајќи дека од пред неколку години оваа полициска единица има и нов, современ возен парк.

„Благодарение на посветеноста на министерот Оливер Спасовски и директорот на БЈБ Сашо Тасевски и со помош на мисијата на ОБСЕ во Скопје, во 2022 година се набавени 14 специјализирани возила за транспорт на службени кучиња и три трајлери, со сите европски стандарди. За подобро функционирање на единицата се појави потреба од нејзина децентрализација. Ние сме на едно место, а ја покриваме целата држава и затоа побаравме и тоа ни е одобрено од страна на повисоките структури, да се направат четири дополнителни одделенија, кои ќе бидат стационирани во Штип, Струмица, Охрид и Гостивар, каде ќе има по три водичи со три кучиња специјализирани за експлозиви, дрога, оружје и пари“ посочи Пешовски.

200.000 евра рекорден пронајден износ на пари

Во 2019 година на граничниот премин Табановце, едно куче од Единицата успеало да пронајде 200.000 евра во кеш во сокриени во посебен бункер во предниот дел од патнички автомобил, што е своевиден рекорд во последните години.

Извор: 24 инфо

АКТУЕЛНО