Search
Search
Директорот Михаил Петровски (лево) од пред еден месец е на чело на претпријатието, а пред тоа работел како стујард во „Визер“. (Фото: Градски паркинг)

Еден час ќе чини 540 денари, ќе се исплати ли возењето изнајмени електрични тротинети во Скопје?

Граѓаните ќе можат да најдат над 500 електрични тротинети на 19 различни локации во Скопје, а и туристите ќе можат да го користат истото. Оваа новина  во главниот град доаѓа како соработка помеѓу компанијата „БинБин“ и Град Скопје.

Менаџерот на „БинБин“ Висар Дурак посочи дека една минута користење на тротинетите ќе чини 9 денари. Според него, овој проект ќе го забрза и олесни движењето на граѓаните, а објасни и како функционираат тротинетите.

„Во секоја база на станицата има бар-код кој секој патник однапред ќе ја преземе програмата, ќе се регистрира и секој тротинет таму го има бар-кодот. Со баркодот можат да купат неколку пакети, т.е. има пакети кои им овозможуваат однапред да ги купат и искористат минутите. Оние што не треба да купуваат пакети ќе го користат со кредитна картичка, колку минути ќе возат, толку ќе платат“, вели Висар Дурак.

Во случај да се оштетат тротинетите, корисникот ќе сноси одговорност и ќе биде идентификуван бидејќи при преземањето на програмата се следат и правилата кои мора да ги почитува. За ова, директорот на Претпријатието „Паркинзи “, Михаил Петровски апелираше до граѓаните да внимаваат при нивното користење.

„Сакам да апелирам до граѓаните на Скопје за одговорно користење на електричните тротинети и воспоставените станици. Колку повеќе ги чуваме  и колку повеќе се грижиме за нив, толку подолго ќе ги имаме. Со ова ќе имаме полесен и подобар превоз во градот“, вели Михаил Петровски.

Тротинетите може да се резервираат и преку телефон, каде корисникот може да провери  каде има најблиску  тротинет  и таму да го резервира за 3 денари.

Минатиот месец истата фирма „Бин-Бин“ набави тротиенти и во Бања Лука, каде цената за изнајмување е 15 конвертибилни марки, поточно околу 472 денари, а во Скопје цената за еден час би била поскапа и би чинело 540 денари.

ЈП „Градски паркинг“ во Скопје во петокот попладне на својата фејсбук страна објави фотографии и куса информација дека стартувал проектот за изнајмување на електрични тротинети во Скопје, но во нивната информација нема никакви информации колку ќе чини еден час изнајмување и како ќе функционира проектот.  Во кусата објава на Фејсбук стои дека станува збор за 500 тротинети, но нема информации колку чинела нивната набавка.

Новинари не беа поканети на промоцијата, која според објавените фотографии се одржала на паркингот кај Зоолошката градина.

Новиот директор Михаел Петровски беше назначен за в. д. директор на „Градски паркинг“ на 12 април, откако градоначалничката Данела Арсовска тогашниот директор Крсте Петревски го стави да раководи со ЈСП „Скопје“.

Петровски пред да дојде на раководната функција во „Градски паркинг“ бил стјуард на авикомпанијата „Визер“ во базата во Скопје.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО