Една третина жени и само двајца млади во новиот состав на македонското Собрание

Една третина жени и само двајца млади до 29 години, ова се дел од демографските карактеристики на новото македонско Собрание.

Законодавниот дом денеска ја започна конститутивната седница на која, меѓу другото, треба да се избере претседател на Собранието и членови на верификационата комисија, по што ќе следи верификација на мандатите на пратениците. Според новиот собранички Деловник, седницата трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на негов претседател.

На конститутивната седница е предвидено да се верификуваат мандатите на 118 од 120 пратеници, откако актуелниот градоначалник на Тетово Биљал Касами се откажа од пратеничкото место откако беше избран во изборната единица 6. На негово место, сега треба да дојде следниот на листата од коалицијата „Вреди“.

Во меѓувреме, по прегласувањето на парламентарните избори, во изборната единица 6, коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ изгуби еден пратеник, додека коалицијата „Вреди“ доби еден пратенички мандат. „Европски фронт“ потоа однесе приговор до ДИК за прегласување во селото Ларце кој беше одбиен. Сега, коалицијата има можност да поднесе тужба до Управниот суд, а судот во рок од 48 часа мора да донесе решение по тужбата.

Поконкретно, новиот парламентарен состав ќе брои 78 пратеници и 40 пратенички. За споредба, минатиот состав броеше 43 пратенички, односно 45 жени пратеници во периодот од 2016 до 2020 година. Ова значи дека бројот на пратенички во текот на изминатите години, односно во парламентарните состави континуирано продолжува да паѓа.

Мнозинство пратеници 45 се во возрасната група од 36-45 години, потоа 41 пратеник имаат од 46 до 55 години, а 17 пратеници од 56-65 години. Највозрасната пратеничка Мерита Колчи-Коџаџику од коалицијата „Вреди“ има 66 години и спаѓа во последната возрасна категорија.

Помладите се во далеку помал број, па така, во Собранието влегуваат само 2 пратеници од возрасната категорија 21-29 години, односно Амар Мециновиќ од Левица и Драгана Бојковска од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од 30 до 35 години имаат 12 пратеници.

Најмногу пратеници, според местото на лична карта доаѓаат од Чаир, осум, потоа по седум пратеници се од Карпош и Центар, а шест од Струга и Куманово и Тетово.

Во меѓувреме, треба да се има предвид и дека ова нема да е конечниот состав на новото македонско Собрание, затоа што дел од пратениците, традиционално преоѓаат на функции во извршната власт за време не составувањето на новата Влада.

Извор Радио МОФ

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави