Search
Search
Депонија на Шара/ Фото: Слободен печат

Екологисти: На Шара секојдневно нови депонии, сликата е ужасна

Не само во Тетово туку и во рамките на Општина Теарце, чија поголема територија е во склоп на Националниот парк Шар Планина се појавуваат диви депонии, сведочат екологистите.

Од невладината организација ЦЕД која е дел од Платформата „Пријателите на Шара“, велат дека превентивата е важна, но обврска на надлежните е веќе создадените депонии да се острануваат.

„Моментално работиме во делот на Националниот парк заедно со форумите и една од најголемите проблематики се депониите. Тоа што забележуваме е дека секојдневно се појавуваат депонии на Шара и мислам дека како невладината организација ЦЕД која е дел од платформата Пријателите на Шара работиме и сме работеле да се подигне свеста, но тоа што апелираме е да имаме една поголема соработка помеѓу институциите. Знаеме дека институциите имаат недостиг на инспекторати на терен за да ја контролираат состојбата, но овој проблем е засебен, тоа не значи дека не треба да се острануваат депониите кои се создаваат“, рече Метин Муареми од невладината организација ЦЕД.

На Шара снегот се стопи и се покажаа срамните шарпланинските предели покриени со смет. Депонии има пред влезот и излезот на секое шарпланинско село. Од Националниот парк Шар Планина велат дека најкатострофална е состојбата во општините Тетово, Врапчиште и Боговиње, чии територии се во рамки на Националнот парк. Комуналните претпријатија во голем дел од селата не го собираат односно третираат отпадот, па мештаните немаат каде и така најчесто отпадот завршува по долините, реките и ливадите. Сликата е ужасна, ако се земе предвид фактот дека вака е со децении.

Од установата велат дека на Шара не е решен проблемот со фекалните води кои течат на сите страни.

Неделава Шара беше девастирана и во нејзинот долен дел долж течението на реката Пена кон рекреативната месност Бањиче. ЈКП Тетово одлучи да иссече високостеблести и децениски дрвја со образложение дека го чистат коритото. Но ваквата акција наиде на осуда од еколошките организации и граѓаните.

Од Еко Герила велат дека шумата е од суштинско значење за спречување на ерозивни процеси на шарпланинскиот масив. Не веруваат дека ЈКП имало било каков елаборат за сечата на шумата.

Неодамна од Националниот парк Шар Планина, на прес конференција приложија снимки на кои како што обвинија се гледа како градежниот шут собран при реконструкција на патот во викенд населбата Попова Шапка се фрла во близина на викендичките загадувајќи ја природата.

 

АКТУЕЛНО