Search
Search

Економијата и ЕУ доминираат во честитките на политичарите

Премиерот Димитар Ковачевски во видео честитката нотираше дека годината што измина не било лесна, но, како што вели, во рамки на можностите направиле многу. Во честитката ги набројува зголемените плати и пензии, мерките за ранливите категории, странските инвестиции, намалена невработеност и зголемена вработеност. Премиерот вели дека има простор да се направи и повеќе.

 

„Да продолжиме и понатаму да го подобруваме животот на граѓаните. Да го направиме и она што е најважно – да ги задржиме младите дома. Да ги вратиме тие што заминале, затоа што европскиот пат на кој сме тргнати, е започнат, и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред. Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре“, порача премиерот Ковачевски.

Честитки упатија и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за администрација Азир Алиу.

И во честитката на Битиќи доминираа повисоките плати, пензии, помошта за ранливите категории.

Маричиќ порача во претстојната година да се стави крај на неизвесноста во однос на продолжувањето на преговорите со Европската унија.

Османи како успеј го посочи претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Алиу, пак, во честитката се осврна на постигнувањата и реформите во областа на информатичката технологија, јавната администрација и медиумите.

Функционерите годинава добија за 78 отсто повисоки плати, вработените во админситрацијата во септември добија плати повисоки за 5 отсто, а тие во образованието за 10. Со месеци разни групи на вработени протестираат и бараат и тие да имаат плати повисоки за онолку колку што имаат функционерите.

Пензионерите, исто така протестираат со барање да добијат линеарно зголемување од 3000 денари и да се востанови минимална пензија.

Пред крајот на годината како дел од деветтиот пакет антикризни мерки државата одвои пари за ранливите категории, учениции, чии родители се со пониски примања, студенти кои студираат надвор од местото на живеење, пензионери со ниски пензии. Тие ќе добиваат пари 5 до 7 месеци. Премиерот негираше дека помошта е предизборна и покрај тоа што тие ќе добиваа помош и во време кога во државата ќе се одвива предизборната кампања за изборите предвидени да се одржат во мај.

АКТУЕЛНО