Search
Search

Економска нелогика – 300.000 празни станови во Скопје, а цените вртоглаво растат до 3000 евра квадрат 

Многу чудни бројки кои немаат врска со економската логика произлегуваат од податок дека Скопје е полн со празни станови, но цената на квадрат во моментов е повисока од цената во некои квартови во Солун.

Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, оваа дискрепанца ја објаснува директорот на Државниот завод за статистика, но како што вели, низ сопствената логика. Апостол Симовски вели тешко е да се даде одговор, освен низ призмата на навиката на нашите граѓани да штедат со купување на материјални средства.

-Ако размисли ќе се види дека нашето население својот вишок на средства го врзува со материјални средства. Некогаш тоа беше преку купување на земја, сега се тоа станови, особено што цените постојано растат. Се’ уште има висока побарувачка на станови. Нема зграда во Скопје, која почнува да се гради, а која не е продадена. А кога има побарувачка, има високи цени. Претпоставувам дека еден дел од населението вишокот пари да го врзува со недвижности. Од друга страна инвестирањето во недвижности е добар начин на штедење – кога земете кредит го враќате и сте принудени на враќање, за разлика од месечното штедење, да тргнете настрана сто – 150 евра, кога не сте принудени. Ова може да се гледа и како добар начин на штедење кога добивате недвижности, изјави Симовски.

Овие празни станови понекогаш и не се вистински празни, бидејќи се користат за изнајмување. Како што рече Симовски, на следниот попис ќе се покажат колку навистина се празни становите, кога ќе се врзат со податоците за сопственоста, колку луѓе живеат во нив и по каква основа. Вакви празни станови има околу 300.000 само во Скопје.

 

 

АКТУЕЛНО