Search
Search

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Стотици дотерани моторџии вчера дефилираа низ скопските улици со цел подигање на свеста за машкото здравје и превенција на рак на простатата.

Моторџиите облечени во палта и вратоврски по девети пат земаат учество во глобалниот хуманитарен мотоциклички настан, а собраните донации од учесниците одат во фондацијата за борба против рак на простатата „Мовембер“ во Лондон .

Организаторот на настанот во Скопје Игор Стефановски објаснува дека Глобалното движење започнало 2012 година во Сиднеј од група моторџии, во чест на нивниот пријател кој починал од рак на простатата, по што станува најголем глобален собир на мотоциклисти на светско ниво.

– Тие губат другар од рак на простатата, во негова чест почнуваат собирање, чисто клубски прво, меѓутоа сакаат да пренесат порака дека мотоциклистите не мора секогаш да бидат бучни, во кожни вентијаги и одлучуваат настанот да го направат дотерани, костумосани што би се рекло. Така да настанот со текот на годините настанот излегува од рамките на Австралија и се шири низ целиот свет. – Игор Стефановски – организатор

Во движењето на глобално ниво учествуваат околу 100.000 мотоциклисти од 110 држави. Во Скопје оваа година има рекорден број на официјално пријавени учесници, над 170. Тие велат дека се особено горди што се дел од ваков настан.

– Чувството да се вози на ваков настан е навистина убаво бидејки да си џентлмен и да правиш нешто што помага за да се поттикне машкото здравје е многу убава работа, веќе 8 години возам на gentlemens ride и е настан кој дефинитивно не се пропушта.- Филип Арсовски – учесник

– Чувството е одлично, се работи за еден интернационален настан кој ја потикнува важноста од борбата за машкото здравје, би препорачал на сите граѓани што повеќе да земаат учество во вакви хуманитарни настани и да ја гајат културата на старите мотори, олдтајмер возилата.- Златко Ивановски – учесник

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се над 18.000 евра. Од основањето на движењето досега глобално се собрани над 50 милиони долари кои се донираат во институции и болници за машко здравје.

АКТУЕЛНО