Search
Search

Елките густо засадени покрај улицата Васко Карангелески им пречат на возачите, некој може да настрада, се жалат граѓаните

После повеќе од две години градежни зафати, Град Скопје ја заврши изградбата на улицата Васко Карангелески, која овозможува сообраќајно поврзување на три главни булевари во општината – АСНОМ, Јане Сандански и Трета македонска бригада. На улицата има по две коловозни ленти во двете насоки во должина од 1100 метри, велосипедски и пешачки патеки, а изведена е и нова атмосферска канализација. Од Градот се пофалија дека со ваквото сообраќајно решение се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Граѓаните кои живеат во овој дел од градот и кои секојдневно минуваат по улицата го тврдат спротивното. Велат дека на крстосницата нема ни семафори, ниту лежечки полицајци со кои би се смирувала брзината на автомобилите, а дека сообраќајницата е проектирана за брз проток на возила, што значи дека по неа се вози со поголема брзина. Поради тоа, предупредуваат дека во сериозна опасност се особено децата кои секојдневно ја минуваат оваа крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“ и бараат Градот итно да  преземе нешто додека не се случи некаква несреќа и оваа улица да стане една од „црните точки“ во Скопје.

Друг проблем се густо засадените дрвца од двете страни на улицата, дури 825 садници.

 Овој проект претрпи повеќе измени за да се зачувува зеленилото, бидејќи во претходниот проект беше предвидено сечење на дрворедот по целата должина на улица, а со промените кои ги направивме во проектот, над 100 дрвја беа зачувани, а со специјална машина за пресадување на дрвја се пресадија повеќе здрави дрвја на потегот кај основното училиште „Љубен Лапе“ и на локација на самата крстосница. Деновиве во рамките на есенската акција по должината на улицата се засадени 825 нови садници – соопшти градоначалничката Данела Арсовска.

Но, според реакциите на граѓаните токму тие садници им пречат на возачите и им го оневозможуваат видикот. Како што коментираат по социјалните мрежи, шофер со долгогодишно искуство со страв излегува до пола улица за да види дали надоаѓа друго возило од страна или дали поминува некој пешак.

Секој ден по неколку пати минувам по улицата и како возач мислам дека садењето на елките на 20 сантиметри од улицата е најголема глупост, особено на раскрсницата каде нема семафори и близу до пешачките премини. За да свртите лево од улицата која ја сече Васко Карангелески од елките, кои се сѐ уште мали не се гледа ништо, а што ќе биде кога ќе пораснат? Кажете еден град каде што го има ова решение за зачувување на зеленилото? И за греота елките, ако издржат пола година добро ќе биде – се вели во еден од коментарите.

На потег е Град Скопје. Граѓаните очекуваат дека вистински ќе се погрижи за безбедноста на оваа улица и за возилата и за пешаците и за велосипедистите, кои од своја страна се пожалија на нерамните велосипедски патеки./СП/

 

АКТУЕЛНО