Филантропијата, двигателка на одржливиот развој

Во време кога се соочуваме со сложените предизвици на 21-от век, филантропијата е важно да биде значаен механизам за одржлив развој, обезбедувајќи ресурси, експертиза и иновативни решенија за справување со социо-економските предизвици. Од зајакнување на маргинализираните до поттик на инклузивен економски раст, филантропските напори играат клучна улога во унапредувањето и градењето на поправеден и одржлив свет за сите. Ова го порача форумот за филантропија кој вклучи говорници од Албанија, Косово, Северна Македонија, Сингапур, Србија и Хрватска и над 80 учесници од институции, бизниси, граѓански организации и медиуми.

УСАИД верува дека филантропијата може да биде двигател на одржлив раст. Тоа е затоа што сите граѓани – без разлика дали сте јавен службеник, сопственик на бизнис или член на заедницата – придонесуваат за иднината на една земја со инвестирање во нејзиниот развој. изјави г-а Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, Северна Македонија
Ексклузивно обраќање од Сингапур имаше г-а Уша Менон која ги претстави трендовите на дигитализацијата и донирањето со помош на вештачката интелигенција, што донирањето го прави подостапно и побрзо. На овој настан Конект ги претстави и можностите на новата платформа за групно донирање „Оп-оп“ што на донаторите им овозможува обмислено донирање во вредни непрофитни организации што проверено прават големи промени. На 6 граѓански организации кои поминале низ процесот на проверка на високи меѓународни стандарди им беше доделен и сертификатот „Ознака за доверба“ и истите се препорачуваат на донаторите за поддршка.

На форумот се споделија најдобрите практики од Балканот што вклучуваат меѓу-секторска соработка во формирање на локални фондации што е модел за решавање на развојните проблеми во регионот. Носители на врвни извршни позиции на домашните компании, членки на Клубот на одговорни бизниси на Конект истакнаа дека здружувањето на компаниите во оваа иницијатива за одржливост ќе го засили нивното позитивно влијание врз општеството во соработка со граѓанскиот сектор. Панел дискусијата на медиумите ја истакна потребата добрите филантропски пракси да котираат повисоко во темите кои се во фокус на уредничките политики негувајќи национална култура на доброчинство.

„Форумот е настан каде лидер(к)ите од сите сектори ги разменуваат најдобрите приоди и соработуваат за филантропијата да го исполни својот потенцијал на двигател на напредокот во нашите заедници. Ги повикуваме сите заинтересирани да ни се придружат.“ – заклучи г-а Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Форумот за Филантропија 2024 испрати јасна порака до сите филантропи, социјалните претприемачи, корпоративните лидери, креаторите на политики, граѓански организации и медиуми да ги здружат силите, да креираат повеќе можности, партнерства и нови модели на засилена соработка што поттикнуваат раст на патот кон одржлив развој.

Овој настан е дел од проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект во партнерство со Европскиот Центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави