Search
Search

„Фолклорно-класична симбиоза“ на Танец и НОБ – Спој на традиција, убавина и идентитет

На сцената на Македонската опера и Балет се одржа ексклузивен настан, „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Националната опера и Балет и НУ „Танец“.

Ансамблите на „Танец“ заедно со своите колеги од НОБ за првпат заеднички приредија вистински спектакл за кој уште долго ќе се раскажува.

Хорот и оркестарот на НОБ, заедно со Народниот оркестар и играорците на националниот фолклорен ансамбл „Танец“ ги раскажаа приказните за Македонија, преку величествениот звук во кој се испреплетуваа класиката и традицијата, облагородени со аранжманите на Дарко Илиевски, нашиот истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на Танец.

Час и половина срцето на сите присутни чукаше во неправилен ритам, а громогласен аплауз, одекнуваше по секоја точка преку 130 уметници на сцената.

Играорците на „Танец“, нашите фолклорни амбасадори во светот , како и секогаш и овојпат, беа совршени, слеани со музиката и нивната игра беше како и прекрасниот македонски вез, се под конец, колоритно, необично, нималку лесносно, но толку убаво и блиску до совршенство.

Сите уживавме во антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и во многу други македонски хорски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“. Се беше надополенто со фантастичната изведба на сите музичари на сцената и секако со гласот на хористите.

Оваа фузија на две традиции – класиката и фолклорот, функционираше беспрекорно под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Секако, за успешно релаизираниот прокет заслужни се и првиот човек на „Танец“, Мартин Вучиќ и  првиот човек на Националната установа Опера и балет, како и останатите раководители во двете институции Бранка Костиќ Марковиќ, Дарко Илиевски, Јовица Блажевски, Гоце Цоневски, Ѓурѓица Дашиќ и Дејан Прошев .

За македонскиот автентичен звук не постојат граници, бидејќи неговата вредност уште долго ќе ја раскажува македонската приказна, особено со вакви проекти како што е „Фолклорно-класична симбиоза“.

Градска редакција

АКТУЕЛНО