Search
Search

(ФОТО) Бенкси со ново дело во Лондон: Се појави мурал на кој се прикажани лисја од дрво

Британскиот уметник Бенкси потврди дека муралот што се појави на станбена зграда во северен Лондон е негово ново дело, пишува „Гардијан“.

На муралот кој се појави во областа на паркот Финсбери, има зелена боја испрскана преку ѕидот на четирикатната зграда за да ги имитира исчезнатите лисја на исеченото дрво што стои неколку метри пред самото дело.

Исто така, прикажана е мала човечка фигура која држи црево од кое излегува зелената боја. Кога се гледа муралот од одредени агли, зелената боја се изедначува со гранките на дрвото.

Локалните жители излегоа да го видат уметничкото дело кои велат дека се горди и воодушевени што Бенкси го избрал овој простор да создаде уметност.

„Ние сме толку горди и воодушевени што Бенкси ја избра нашата улица и го избра Финсбери Парк за својата работа“, изјавила една жителка.

„Едноставно е убаво да се види како ова уметничко дело ги собра сите заедно. Луѓето излегоа да разговараат на улиците и излегоа рано да шпекулираат заедно. Тоа ја спои заедницата, што беше навистина убаво да се види“, додал друг воодушевен жител.

Се вели дека тимот за отстранување графити е свесен за уметничкото дело на Бенкси и нема да го отстрани.

 

АКТУЕЛНО