Search
Search

(Фото) Левица демолираше државен инвентар, огромна штета за законодавниот дом

Со фрлање пластично шише, корнење на монитор и гаѓање со хартија по потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, ескалираше атмосферата на денешната собраниска седница.

Инцидентот го предизвикаа двајцата пратеници од Левица кои беа револтирани за тоа што не им беа прифатени амандманите за новиот Деловник за работа на Собранието, како и барањето оваа точка да се тргне од дневниот ред.

Во моментот кога ескалираше ситуацијата, седницата ја водеше Мисовски, бидејќи Талат Џафери како предлагач на новиот Деловник се повлече од претседателското столче.

Атмосферата почна да ја загрева пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, кој од говорница рече дека „се оди кон ескалација“ и затоа побара точката да се тргне од дневен ред, а да се расправа за неа откако ќе се постигне политички консензус.

Потоа на говорница излезе и другиот пратеник од Левица, Борислав Крмов, кој бараше да се прекине седницата.

„Морате да ја прекинете седницата“, зборуваше тој реагирајќи зошто не се прифатени нивните амандмани.

Кога Мисовски го опомена дека му тече времето за говорот, тој прво со рака го фрли ѕвончето и шишето со вода што стоеја пред потпретседателот на Собранието. Видно нервозен, Крмов потоа го откорна мониторот и го фрли на земја и почна да фрла хартии.

Набргу, му се придружи и Апасиев, по што двајцата маваа со хартии кон Мисовски.

По ова, Мисовски даде пауза од 30 часа.

Во продолжението на седницата, двајцата пратеници повторно бараа да се прекине седницата, како што рекоа, „додека не ескалирала ситуацијата“, додека Мисовски ги ставаше еден по еден амандманите од Левица на гласање.

Крмов во еден момент ја заобиколи масата зад која седи Мисовски и застана до неговото столче со инсистирање да се прекине седницата.

По ова, потпретседателот на Собранието даде нова пауза од половина час.

Левица за предлогот за нов Деловник подготви околу 2 500 амандмани. Она за што најжестоко реагираа двајцата нејзини пратеници е што, како што тврдат, во иднина според новиот Деловник ќе се „шверцуваат сите закони во Собранието“, како што е сега случајот кога се користи „европско знаменце“ и опозицијата не може да го блокира носењето на некој закон.

„Секој закон, ама буквално секој закон, ќе биде како сегашниот озлогласен со европско знаменце. Тоа значи дека опозицијата без оглед дали ќе има 58 или 59 пратеници, нема да може ништо да спречи. Тоа е влез во диктатура. Ви кажаа сите, ви кажаа и професори и поранешни пратеници. Ви кажаа сите. Упорно одите со главата во ѕид. Ние сме тука со сите сили да ве спречиме, одите кон ескалација на ситуацијата, за таа цел предлагам точката да се симне од дневен ред и во порелаксирана атмосфера да се донесе утре, задутре, кога ќе се пронајде политички консензус“, рече Апасиев пред да дојде до ескалацијата.

Предлогот за нов Деловник беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ кој пратениците го започнаа пред околу пет години со посредство на неколку европратеници.

 

АКТУЕЛНО