Search
Search

(Фото+Видео) Откриена добро сочувана витешка ракавица од 14 век

За време на ископувањата кај замокот Кибург, близу Цирих, Швајцарија откриена е оклопна витешка ракавица од 14 век во исклучително добра состојба, пишува „Свисинфо“.

Како што пренесува одделот за инфраструктура на Цирих досега се пронајдени само пет вакви ракавици од 14 век.

Некои од металните делови на ракавицата, за заштита на прстите, целосно ја избегнале корозијата, благодарение на што специјалистите можеле лесно да ги препознаат производните и украсните детали. Металните делови првично биле зашиени на кожена ракавица. Сите 25 делови се цврсто поврзани еден со друг, што на ракавицата ѝ дава голема флексибилност.

Инаку, археолозите истражувале локација за нова куќа во Кибург, кога ја откриле визбата за ткаење која била уништена од пожар во 14 век. Веројатно до неа имало и ковач, бидејќи археолозите пронашле и калап за лиење, како и 50 метални предмети како чекани, клучеви, проектили и оклопни ракавици.

Засега не е познато кому му припаѓала оваа ракавица и зошто овој предмет толку ретко се открива. Научниците велат дека нивната цел е да испитаат дали оклопните витешки ракавици биле ретки или едноставно биле стопени подоцна за друга намена.

Копија од оваа ракавица ќе биде претставена на изложба во замокот Кибург на крајот на март, каде што ќе стане дел од постојаната изложба. Оригиналот ќе биде прикажан само во текот на три недели во септември.

 

 

АКТУЕЛНО