Search
Search
Фото: Фејсбук/ Михаил Гаревски

Гаревски за Градска.мк: Мостот „Беласица“ не е саниран, а треба да направиме и пробно товарање за да се врати во целосна функција

Експертизата за опожарениот мост „Беласица“, направена од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и драфт верзијата кон крајот на јуни беше  предадена во Град Скопје, ова го потврди и во разговор за Градска.мк директорот на Институтот, професорот Михаил Гаревски.

-Од визуелната инспекција, вели Гаревски, не е забележана ниту на еден дел од мостот изложеност на каблите за преднапрегање, туку тие се скриени со заштитниот слој на бетон. Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали. Иако оштетувањата се мали, посочува, сепак ќе треба да се изврши санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот ги извадивме  цевките за парно кои се наоѓаат под мостот и кои тежат 120 тона, појаснува професорот.

Според Гаревски ова овозможило да се пуштат во употреба две ленти на мостот, за лесни возила додека се заврши санацијата.

– Засега не се започнати активностите за санација, освен цевките за парно, а за враќање на мостот во целосна функција се врши пробно товарање и дури потоа се вршат нови проверки па се дава дозвола за функција на мостот, додава тој.

На прашањето на Градска.мк кој врши контрола дали и потешки возила поминуваат во моментот на мостот, Гаревски вели дека имало знак некаде на почетокот со забрана и ограничување на движење на возила потешки од 2 тона.

-Би требало и полицијата да се вклучи во контролата, бидејќи и јас истото се прашувам. Некогаш од незнаење некогаш од несовесност постои ризик и потешки возила да поминат на мостот, вели тој.

Арсовска во битка со ЕСМ

Од Град Скопје минатата недела информираа дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булеварот „Беласица“, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот, но сепак овој документ не е јавно достапен.

„Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, стоеше во соопштението на Град Скопје.

Токму затоа велат тие мостот на булеварот „Беласица“ е отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од ЕСМ.

Од друга страна пак ЕСМ тврди дека тие ги извадиле оштетените цевки, но чекаат Градот да направи санација, по што тие ќе стават нови цевки. Рекоа дека не знаат кога ќе почне санацијата бидејќи никој не ги информирал.

Инаку, мостот беше опожарен од долната страна на 12 мај, а потоа беше затворен за сообраќај.

 

Соња Танеска

 

 

 

АКТУЕЛНО