Герасимовски: 44 медали за учениците од Песталоци на Детската олимпијада во знаење

Општина Центар се гордее на 6-те ученици Максим Танески, Андрија Крстиќ, Петар Калкашлиев, Корнелија Паниан, Калина Чакаровска и Ангела Ристеска од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, кои освоија 44 медали на престижната Детската олимпијада во знаење, која се одржа во Лондон.

Пред градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ги споделија искуствата, среќата и импресиите од престојот во Лондон, а тој им честита и им посака мудроста, бистрината и желбата за нови знаења да ја негуваат за да достигнуваат уште повисоки цели и личен развој, извести Општината.

„Да се вратите со 44 медали за знаења од разни области меѓу 1/200 деца од целиот свет е навистина импресивно. Вие сте ни гордоста и среќата. Вие сте ни инспирацијата и потврдата дека успесите не стигнуваат само кај големите држави. Бидете полни знаења, радувајте се на сопствените успеси и целете кон повисоки достигнувања. Бидете пример и помагајте им на другите ученици со слични амбиции. Ние сме зад вас да ве подржуваме, помагаме и да бидеме ваша поткрепа“, рече Герасимовски на средбата со учениците.

Инаку, учениците во два тима се натпреваруваа во глобалната рунда на Детската олимпијада во знаење т.н. World Scholars Cup на разни теми – од наука до поезија, меѓу 1.200 ученици од целиот свет, од 26 до 31 јули. Во Лондон и двата тима се квалификуваа за турнирот на шампиони на Универзитетот „Јејл“, а со освоени 15 медали најуспешен беше ученикот Андрија Крстиќ.
Општина Центар и градоначалникот Герасимовски ќе продолжат и да ги поддржуваат и да им даваат помош на сите талентирани ученици. Герасимовски ги охрабри учениците и им рече дека тие се доказ оти со голема желба, упорност и работа сепак се освојуваат и недостижните врвови, се додава во соопштението на Општината.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави