Search
Search

Герасимовски: Бараме начини да ги намалиме високите сметки за енергија во јавните установи

Општината Центар во моментов е во фаза на формирање на претпријатие „Енергија Центар“ кое ќе се бави со производство и продажба на енергија. Преку ова претпријатие но и други иновативни начини се обидуваме да ги намалиме високите сметки за енергија во општината токму преку користење фотоволтаици на јавните установи, изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски при гостување во утринската емисија на „Слободен печат“.

– Општина Центар е првенец во поглед на користењето фотоволтаици во споредба со другите општини и ваквите проекти се нешто што им се пренесува на следните генерации на користење – посочи Герасимовски.

Од друга страна според градоначалникот на Општина Центар, целта на проектот субвенционирање велосипеди е граѓаните да ги променат своите навики во однесувањето. Со поголем број граѓани што користат велосипед во секојдневието општината би имала почиста животна средина, помалку метеж во сообраќајот а со велосипед побрзо ќе се стигнува до целта.

-Ние како општина добивме награда како најголема „Вело општина“ што ми е посебно задоволство и горд сум на тој резултат. Се обидуваме да ги ослободиме пристапните места за велосипедистите во Општината. Нашата грижа во Општината и моја како градоначалник е да се грижиме за сите работи од најситните до големите проекти. Започнуваме со реализација на големи проекти што не биле 50 години започнати. Станува збор за изградба на нова зграда на Општина Центар, потоа паркирањето во Дебар Маало и многу други – вели тој.

Герасимовски во студиото говореше и за реконструкција на градинките и за други проекти што се реализираат во овој момент со цел живеењето на сите граѓани да биде квалитетно. Во овој поглед се очекува почеток на реализација на проектот-санирање на салата на К.К. Работнички, потоа санирање на многубројни улици и сл.

Еден од поголемите проблеми со кои се соочува општината во своето работење и функционирање е измешана надлежност во ингеренциите и надлежностите меѓу управата, општина и Град Скопје. Како општина поседуваме најголем број лица вработени во областа на хигиена, а општината е соодветно и технички опремена.

Според Герасимовски Општината работи на санирање на проблемот со паркирањето во делот на издавање дозволи на градба при што се внимава за бројот на местата предвидени за паркирање. Кога станува збор за хигиената Герасимовски тоа го објаснува преку сопствено и лично искуство.

-Секој човек кога излегува од домот, веднаш му паѓа во очи нивото на хигиената на местата каде што се движи. Нашиот план на реализација подразбира прво чистење на улиците, градинките и училиштата. Ингеренциите на Градот Скопје се во делот на чистење на ѓубрето од булеварите и празнење на контејнерите. Во поглед на менталитетот и навиките на граѓаните околу фрлањето на ѓубре и шут треба да се менуваат навиките вели Герасимовски а со тоа во Општината да се задржи квалитетниот начин на живеење.

Повеќе од интервјуто со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски погледнете во видеото во продолжение.

 

АКТУЕЛНО