Search
Search

Граѓаните вадат бавчи и полнат базени, а половина од водата што влегува во јавните водоводи во земјава „испарува“

Македонија има извори на вода, но податоците покажуваат дека македонските граѓани трошат во просек по 2,5 пати повеќе вода од жителите на Европската унија. Така е бидејќи две третини од водата е потрошена, а не се фактурира, односно во овие пресметки влегуваат и загубите.

Со започнувањето на жештините во летниот период, паралелно се зголемува и потрошувачката на вода, проблем кој секогаш се јавува во овој период од годината. Во лето пивката вода луѓето ја користат за разладување, се полнат базени, но и за наводнување, за миење на теписи итн., а тоа пак е причина за лошото водоснабдување во Скопје, намалениот притисок на водата, а во некои подрачја дури има и прекин на водоснабдувањето.

Загубите на вода во македонскиот водовод достигнуваат од 64 проценти на државно ниво, што значи дека до потрошувачите доаѓаат 36 проценти од вкупните водни капацитети. Со години се укажува на потребата претпријатијата да инвестираат во намалувањето на загубите заради достраеност на водоводните системи.

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ тоне во долгови. Според податоците од Министерството за финансии, до крајот на минатата година претпријатието имаше направено долг од 7,5 милиони евра.

Жителите на Унијата во просек трошат по околу 125 литри вода дневно, додека македонските граѓани по 323 литри дневно. Во летниот период бројките се повисоки и покажуваат дека скопјани трошат по над 500 литри дневно, а во рекордните денови и над 640 литри дневно.

Сепак и покрај големите потрошени количини, во некои делови на земјата се случува да има рестрикции на вода.

Само во главниот град Скопје, каде според последниот Попис 2021 живеат 28 проценти од вкупното население во земјава, дневно се трошат по 500 литри вода по човек или над 100 олимписки базени со вода. Од нив, околу 60 проценти се загуби, а се фактурираат околу 212 литри.

Во Европа највисока просечна потрошувачка имаат домаќинствата во Италија – по 223 литри по човек на ден, а најмала Малта – по 77 литри по човек на ден.

Во светот, регионите во кои луѓето кои „трошат“ помалку од 40 литри вода на ден се сметаат за „сиромашни со вода“.

Во државата се произведуваат по 456 литри вода по глава на жител, во Европа по 248 литри

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2022 година во јавниот водовод биле зафатени и преземени 300 116 илјади м3 вода за снабдување, што е за 2.0 % помалку во однос на 2021 година.

Од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода, 63.8 %, е зафатено од изворски води, а најмалку, 0.9 %, од езера.

Вкупното количество испорачана вода од јавен водовод во 2022 година било за 1.8 % повеќе во однос на претходната година. Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои потрошиле 67. 0 % од вкупната испорачана вода од јавен водовод.

Според начинот на снабдување на домаќинствата во земјава со вода за пиење, статистичките податоци покажуваат дека на јавен водовод се приклучени над 91 процент од домаќинствата, а околу шест проценти користат вода од посебен извор (хидрофор, бунар или улична чешма). Над два процента користат флаширана вода за пиење.

Вкупното количество отпадни води во 2022 година било за 3.3 % помало во однос на 2021 година.

Од вкупното количество испуштени во 2022 година, непречистени биле 72.4 %, а пречистени 27.6 % од отпадните води.

Засега ја нема пресметката за минатата 2022 година, но за 2021 година вкупно испорачаната/фактурирана вода изнесувала 212 литри по глава на жител на ден, вкупно произведена вода во земјава по глава на жител во 2021 година е 456,8 литри на ден.

Друг аспект се проблемите со издавањето на паушални сметки на граѓаните и нередовното читање на водомерите. Некои граѓани со години не добиваат сметки за вода, а често се случува да бидат исклучени и водата да им биде запрена.

Граѓаните се жалат и на бавните процедури со замената на старите броила со нови. Ваквите поплаки стигнуваат и до Народниот правобранител, од каде велат дека имаат стотици претставки годишно од кои најголем дел се за нередовно отчитување на водомерите.

Врз основа на спроведениот мониторинг од Водовод и канализација, потрошувачката на вода во просек на дневно ниво, во летниот период се движи помеѓу 280.000 кубни метри до 290.000 кубни метри вода, а во деновите со многу високи температури достигнува и над 300.000 кубни метри вода.

Од претпријатието велат дека не можат да ја ограничат или ублажат потрошувачката на водата, но тоа што се превзема како редовна активност од нивна страна се апели и кампањи за поткревање на свеста на граѓаните за значењето на водата како природен ресурс, во насока на нејзина рационална и одговорна употреба.

Сепак и покрај зголемената потрошувачка на водата од ЈП Водовод и канализација смируваат дека изворот Рашче има доволни количества на вода за задоволување на сите потреби на граѓаните, факт кој како што велат се покажал како таков во годините наназад, но и денес.

Што се однесува до дивите приклучоци, односно кражбите на вода, кои исто така претставуваат голем проблем, од претпријатието наведуваат дека во континуитет спроведуваат контроли и акции за нивно отстранување и во согласност со законот постапува против сторителите.

ЈП „Водовод и канализација“ уште еднаш ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба и апелира до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, да го пријават на 023073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk, www.vodovod-skopje.com.mk.

АКТУЕЛНО