Граѓаните за јавниот превоз: Џабе плаќаме месечни билети кога нема автобуси!

Граѓаните што секојдневно користат автобус за да стигнат на своите работни места, на факултет или на училиште или кои имаат некаква здравствена или друга потреба за која им е потребен јавен превоз, во изминатите две години истрпеа многу – штрајкови на приватните превозници, протести на вработените во ЈСП, долго чекање на нередовните автобуси, неиздржлива гужва во возилата. Не дочекаа ни подобри автобуси ни функционален превоз, ниту пак бесплатен превоз, како што им беше ветувано.

Во меѓувреме ЈСП „Скопје“ и натаму добива најголеми субвенции од Град Скопје, но тоа нималку не влијае врз условите што им ги нуди на патниците. Возниот парк е застарен, а последната набавка на нови автобуси беше во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, кога се купија 33 возила „ман“. По улиците се тркалаат автобуси стари и по три децении, двокатните возила крцкаат и тропаат, пишува „Слободен печат“.

-Зошто два дена го нема автобусот со број 63 во 5.40 часот наутро што трга од Мралино, пак ли немате нафта? 50-ка чекав 30 минути, дали е тоа нормално? Да си ги менаџирате автобусите на линија 2 и 2А или пуштете точен распоред дека ги има на 50 минути или исклучете ја линијата како да не постои. Веќе со месеци возат секој ден по неделен возен ред! А 32-ка ја укинавте?
Цел час чекав автобус, од 16 до 17 часот кај Мечкаров во Кисела Вода и не помина ни 24-ка ниедна 58-ца, а потоа дојдоа две 24-ки одеднаш. За џабе вадиме месечни карти кога мора да одиме пеш или да плаќаме за такси, срамота! Ова се само дел од реакциите на скопјани по социјалните мрежи, но и на официјалната страница на Фејсбук на ЈСП „Скопје“.

Граѓаните прашуваат, негодуваат, реагираат, но никој не ги есапи. Јавното сообраќајно претпријатие што постои токму поради тоа да им обезбедува редовен јавен превоз на скопјани, не им дава никакво објаснување на корисниците на неговите услуги. Единствените соопштенија што стигнуваат од ЈСП се поврзани со известување дека на празник ќе возат по неделен возен ред, додека за сите други проблеми на граѓаните остануваат неми.

Иако претпријатието никогаш јавно не потврди, според изјавите на возачите и на синдикалците нема ниту доволно возачи, а тешко наоѓа и нови. Сепак и од претпријатието и од Град Скопје, во сите нивни ретки досегашни изјави тврдат дека јавниот превоз непречено функционира.

Проблем имаат и жителите на Пржино и на Припор, кои со градот се поврзани само со по една автобуска линија, едната населба со 16, а другата со 24. Тие се жалат дека автобусите доаѓаат на повеќе од половина час и дека тоа се повторува секое утро во изминатиот период.

-Наводно, автобусите биле редуцирани затоа што возачите користеле лански одмори, па нема доволно шофери да се опслужуваат линиите. Не знам колку е тоа точно, оти нема кој да информира, но знам дека секое утро најмалку половина час чекам 24-ка. До кога ќе биде вака со превозот? Навистина е срамно, секој ден нервози – вели Весна од Кисела Вода.

Како што пишува „Слободен печат“, Јавното претпријатие молчи и за овие прашања. Нема одговор зошто не се почитува возниот ред на овие две линии и дали има вистина во тврдењето на граѓаните дека е намален бројот на возила поради одморите.

Молчењето и на ЈСП и на Град Скопје нема да ги реши проблемите со превозот, но кога граѓаните не добиваат ништо подобро, заслужуваат барем да добијат објаснувања за она со кое секојдневно се соочуваат.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави