Градска, војничка, монденска па и нудистичка, како се разладувале Скопјани во минатото?

Посетата на плажите на реката Вардар, освен како потреба и навика, претставувало мода и начин на живот на скопските граѓани. Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па се’ до Ханриевиот железен мост бил преполн со капачи.

Плажите се разликувале според своите посетители. Градската плажа кај Идадија била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај „Мангупската детска плажа“.До пред катастрофалниот земјотрес, кој го смени ликот на главниот град пред точно шест децении, плажите на Вардар беа спасот за скопјани од летните горештини.

Старите скопјани раскажуваат за плажите во градот и надвор од него, а покрај Вардар, плажи имало и на реките Пчиња и Треска.

На градската плажа во 1936 година се појавил нудист, што било вистинска атракција. Нудистот бил некој неафирмиран млад лекар, кој заради реклама се одлучил на ваков начин да го привлече вниманието. Во 1932 година во Скопје било основано и првото нудистичко друштво. Во него членувале жени од угледни и богати фамилии.

Претседателка на друштвото била Ташана-Шана Виќентиевиќ, чиј сопруг бил сопственик на зградата на денешниот Клуб на писатели. Според сеќавањата на тогашните современици, членовите на ова друштво оделе со пајтони во членовите на ова друштво оделе со пајтони во Катлановска Бања, се капеле и се сончале на реката Пчиња, а не ретко и на реките Вардар и Треска на места што не биле посетувани.

Местата на реката Вардар каде што граѓаните можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот.

Капењето било дозволено на просторот од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на десната страна, а од мелницата на Јусуф Морина до Железничкиот мост капењето било забрането.

На одредени места можеле да се капат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години капењето било забрането. Родителите чии деца биле фатени на плажата, биле казнувани со одредена казна.

Кој не бил љубител на плажите, спасот го барел во дебелите сенки во шумите на Скопска Црна Гора и Водно. Се правале цели каравани, спиење под отворено небо и многу дружба.

А, вистинските боеми летните вечери ги поминувале во рестораните со пријатни тераси и бавчи во Градскиот парк или чаршијата.

Но, сета таа летна идила е уништена со кобниот земјотрес, кој ги загади водите на Вардар, а од некогашните плажи останаа само драги спомени.

На Вардар сега може да се сретне по некој осамен рибар, многу отпад и градежен материјал. Исчезна магијата на реката во чии води некогаш се белеле платна.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави