Search
Search

Градските советници не дозволија во ЈУ „Универзална сала“ домаќин да стане тон мајстор, а хаус мајстор да работи сценско-визуелни ефекти

Советот на Град Скопје денеска не даде согласност за годишните планови за вработување за 2024 година на неколку јавни установи на Град Скопје.
Според предлог одлуките што беа доставени до советниците на денешното продолжение на 35 седница, во Домот на културата „Кочо Рацин“ наредната година се планирани 10 нови вработувања, а моментално има само тројца вработени. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ бараше согласност за 16 нововработени, а Културно – информативниот центар планира двојно да го зголеми бројот на вработени наредната година, од 15 постојни на 30.

Според доставените податоци на ЈУ „Универзална сала“, каде моментално работат 21, потребата за наредната година е од уште едно вработување. Интересен е податокот дека оваа установа догодина планира внатрешна реорганизација, односно, како што велат, движење на кадарот од едно на друго работно место. Меѓу другите прераспределби, во Годишниот план за наредната година се планира домаќин да стане тон мајстор, хаус мајсторот работник на сценско визуелни ефекти, а хигиеничарот да се „придвижи“ во друг одговорен сценски работник.

Токму на ова реагираше советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, кој побара објаснување како е можно да се направи вакво прераспределување, врз основа на кои квалификации. Но, ниту имаше претставник од „Универзална сала“, ниту некој од службите на Град Скопје не одговорија на неговото прашање.

АКТУЕЛНО