Министерството за внатрешни работи објави дека полициските службеници А.В. и Н. С., вработени на граничниот премин Ќафасан завршиле во 30-дневен притвор поради земен поткуп од 70 евра.
Поткупот е земен од возачот на автобусот со црногорски регистарски таблички кој немал важеќки зелен картон.
МВР за едниот полицаец поднесува кривична пријава за поткуп, а за вториот за несовесно работење во службата.
„Првопријавениот на 13.05.2023 на граничниот премин Ќафасан од возач кој управувал автобус со црногорски национални ознаки, за кој не поседувал важечки зелен картон, побарал и примил поткуп во паричен износ од 70 евра, додека второпријавениот, го пропуштил возилото без важечки зелен картон и му овозможил непречено да оствари влез во земјава“, велат од МВР.
За службениците ќе следува и дисциплинска одговорност и бидат суспендирани од работа до завршување на дисциплинската постапка.