Search
Search

Граѓаните револтирани: Васко Карангелевски не е улица, туку кланица, да се затвори додека не се исправат грешките

Пред дваесетина дена, после повеќе од две години градежни зафати, Град Скопје ја заврши изградбата на улицата Васко Карангелевски. На улицата има по две коловозни ленти во двете насоки во должина од 1100 метри, велосипедски и пешачки патеки, а изведена е и нова атмосферска канализација.

Оттогаш до денеска не престануваат реакциите на граѓаните и апелите до Град Скопје да ги отстрани неправилностите на улицата за таа да не се претвори во уште една црна сообраќајна точка на Скопје. Граѓаните укажуваат дека на крстосницата нема ни семафори, ниту лежечки полицајци со кои би се смирувала брзината на автомобилите, а дека сообраќајницата е проектирана за брз проток на возила, што значи дека по неа се вози со поголема брзина. Поради тоа, предупредуваат дека во сериозна опасност се особено децата кои секојдневно ја минуваат оваа крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“ и бараат Градот итно да преземе нешто додека не се случи некаква несреќа.

 

 

Она на што предупредуваа аеродромци веќе почна да се случува, за неколку дена на оваа улица имаше две сообраќајни незгоди, а во денешната автомобил заврши превртен на покрив во непосредна близина на училиштето, а во сообраќајката е повредена жената која управувала со возилото .

Пред да ја прошират улицата овде можеби имало судири, но никој толку сериозен за да се преврти возило. За ризикот дека ќе дојде до ова беа предупредувани планерите и градоначалниците во последните 10 години. Свесно одлучија да проектираат и одобрат ваков дизајн на улици. Знаеја дека ќе дојде до ова, но решија да го направат вака за политички поени, задоволување на нивните бизнис соработници и за развојот на автоцентричното планирање на градот. Свесно одлучија да направат булевар по кој ќе се вози пребрзо наместо да обезбедат безбедни улици околу основно училиште. Сите ја носат одговорноста што добивме ваков булевар – реагираат од „На точак“.

Оттаму велат дека сѐ уште не е доцна Градот да прифати дека е направена грешка, да се промени дизајнот и да се спречи вакви несреќи да се повторуваат.

Прешироки коловозни ленти „канат“ на брзо возење. Лентите може да се стеснат, дури и да се „дедицираат“ за посебен сообраќај (автобуси, car-share и било што што би ги спречило возачите да возат брзо и цик-цак низ коловозните ленти). Може да се постават фиксни успорувачи како легнати полицајци, кренати пешачки премини, а и микро кружен тек кој ќе ги принудува возачите да успорат на кривината. Има уште многу решенија за кои градските власти може да се одлучат. Одлуката да не се смири сообраќајот е одлука да се стават децата на отстрел – тврдат велосипедистите.

Граѓаните сметаат дека кружен тек би обезбедил побезбедно одвивање на сообраќајот и безбедност на учениците од ОУ „Љубен Лапе“. Тие за помош се обратиле и во Општина Аеродром, од каде информираа дека по реакциите од граѓаните на Аеродром, пензионерските здруженија, вработените и родителите на децата кои учат во ООУ „Љубен Лапе“, Општината во изминатиот период во неколку наврати остварила комуникација со градската администрација во насока на решавање на проблемот со безбедноста на улицата Васко Карангелевски.

Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради тоа уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата Васко Карангелевски, во насока на поставување на соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот – велат од Аеродром.

Од Аеродром посочуваат дека овој проект е на Град Скопје и дека Општината нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација.

Во таа насока Општина Аеродром, во текот на денешниот ден, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем – информираат од Општината.

Во меѓувреме некои од жителите апелираат до сите возачи, пешаци и родители да ја избегнуваат улицата Васко Карангелески додека не се исправат сите неправилности, затоа што очекуваат дека после волку реакции Град Скопје ќе преземе некакви мерки.

Апел до властите – затворете ја улицата додека не настрада некое дете! Град Скопје, oва не е булевар, ова не е ни улица, ова е кланица! Со што заслуживме ваков инженерски кикс на 20 метра пред училиште? Втора (евидентирана) сообраќајка во само неколку дена – реагира Марјан Лазаревски, жител на Аеродром.

Засега од Град Скопје нема никаква реакција за ова што се случува, ниту објаснување дали планираат да ги отстранат недостатоците на улицата за да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено на учениците.

 

 

АКТУЕЛНО