Грција воведува шестдневна работна недела за да ги заштити работниците

Од јули во Грција ќе се работи шест дена. Грчката влада даде можност на работодавците да можат да воведат шестдневна работна недела, доколку тоа го сака работодавецот. Притоа, работникот нема право да одбие да работи подолго, а за денот плус ќе треба да добие додаток во висина од 40% од дневницата.

Законот кој во Грција се води под бројот 5053/2023 требаше да стапи на сила на 1 март, но поради калкулациите што тој би значел за изборите за Европскиот парламент, владата на Киријакос Мицотакис го одложи неговото стапување во сила.

И без овој закон, вработените во Грција се изложени на самоволие на работодавците: теоретски имаат 40 работни часови неделно, но газдата може да му нареди да работи прекувремено најмногу два часа дневно во „ограничен период“ и тоа без плата, само со обврска да се „надополнат“ тие часови со слободно време и одмор.

„Дојче веле“ пишува дека во грчкиот сектор на туризам и угостителство уште од лани нема ништо од петдневна работна недела, а тоа е само почеток: колективните договори полека ја губат силата и работодавецот склопува индивидуален договор со вработениот и обично во него го пишува она што нему му одговара. Грците масовно ги заобиколуваат работните места во туризмот, бидејќи таму условите се најбрутални, па се вработуваат сезонци од странство кои го работат секој ден во неделата, а некогаш се сместени и по десетмина во една просторија.

За разлика од Грција, во некои земји во Европската Унија се тежнее кон воведување на четиридневна работна недела.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави