Search
Search

Хаџи Јанев: Според доказите, нема индикации за политичка вмешаност и поврзаност со осомничениот бегалец

Случајот со убиството на малата Вања нема никаква политичка конотација и затоа не очекувам да има големо одовлекување на процедурата, смета универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев кој гостуваше во утринската емисија на „Слободен печат“.

Тој во емисијата рече дека за сторените кривични дела во земјава, постојат меѓународни правни процедури кои мора да се испочитуваат и запазат но сепак испорачувањето на осомничениот Љупчо Палевски од страна на турските власти би требало да биде брзо особено кога има билатерален договор како нашиот меѓу РС Македонија и Турција за меѓусебна екстрадиција на лица обвинети за кривични дела.

„Од досегашните информации во предистражната и истражната постапка говори дека нема индикации за политичка вмешаност и поврзаност со осомничениот бегалец. Доколку се направи ретроспектива на бегалците од земјава кои се осудени правосилно во постапки, а кои сè уште не се достапни за нашите правосудни орган како случајот со екс-премиерот Никола Груевски но и останатите, може да се увиди дека станува збор за тотално различни случаи кои се со дебела политичка вмешаност. Во тој контекст овде не очекувам да има никакво пролонгирање на испорачување на осомничениот од страна на турските власти освен ако не станува збор за некоја административна грешка направена ненамерно од наша страна со цел побрзо да се комплетира документацијата за испорака на бегалецот Палевски за која Турција би барала дополнителни информации“ рече утрово професорот Хаџи Јанев.

Познавачот на меѓународните односи посочува дека сега целата процедура се сведува на работата на турските институции и нивната проценка за гонетиот Палевски, а тоа според Хаџи Јанев може да потрае еден месец или повеќе.

Во емисијата Хаџи Јанев зборуваше и за безбедносните служби кои професионално и експресно ја завршија својата работа кога станува збор лоцирање и лишување од слобода на инволвираните лица кои се сомничат за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Павле Жежовски од Велес.

АКТУЕЛНО