Search
Search

Хамас ги повика сите Палестинци да тргнат во војна со Израел

Стрелајќи една од најжестоките ракетни канонади досега, но и со изненадувачки копнен напад од Газа, палестинското милитантно движење Хамас му објави војна на Израел.

Воениот командант Мохамад Деиф преку медиумите во Газа ги повика сите Палестинци, каде и да се, да тргнат да се борат.

– Ова е ден на великата борба за крај на последната окупација на Земјата – изјави Деиф.

Движењето Исламски џихад итно реагираше и објави дека се придружува на офанзивата што ја почна Хамас.Израелската влада и воената команда свикаа итни состаноци и се очекува да прогласат вонредна состојба. Жителите во Газа, пак, изутрината ги „нападнале“ продавниците за да создадат залихи од храна и основни производи, очекувајќи одмазнички операции на израелската војска.

Ова е најсилната ескалација помеѓу Израел и Хамас уште од десетндевната војна во 2021 година. Рано изутрината во јужните и централните градови во Израел се огласија сирени за воздушен напад, дури и во Ерусалим. Хамас истерелал 5.000 ракети, повеќе од кога било досега во период од неколку часа. Потврдено е дека загинала една жена, но веројатно има и други жртви.
Сосема неочекуван е упадот на вооружени терористи на Хамас во градови во јужните делови на Израел.

– Голем број терористи се инфилтрираа на израелска територија од појасот Газа – објави израелската војска, без да наведува детали.

Војската ги повика израелските цивили во критичните региони да не ги напуштаат своите домови.
Локални медиуми објавија дека вооружени лица пукале во минувачи во градот Сдерот, како и во кибуцот Беери.
Не се официјални потврдени информациите на палестински медиуми дека терористите на Хамас заробиле израелски војници и дека уништиле израелски тенк. Офицери во израелската војска потрврдиле дека се запознаени со извештаите, но ниту ги потврдија ниту ги демантираа.

АКТУЕЛНО