Хаваријата со компресорот на Клинички ќе се санира половина година

Оперативниот план на службата за заеднички работи за изградба на нова компресорска станица во клиничкиот центар се најде на дневен ред на Владата.

Како што соопштија оттаму, планот бил разгледан на вчерашната седница и Владата препорачува сите надлежни институции да постапат согласно своите надлежности за да се започне со работа на терен и да се санира проблемот со оперативните сали.

„Владата го разгледа предложениот Оперативен план и со оглед дека Планот има фискални импликации, препорача, сите надлежни институции и органи, да постапат согласно своите надлежности, во насока на решавање на предметното прашање.“ – велат од Влада.

Оперативниот план на службата предвидува дека за замена на опремата на централната компресорска станица со нова како и замена на инсталацијата ќе бидат потребни околу 455.000 евра, сума во која ќе треба да инвестираат и самите универзитетски клиники.

Од службата исто така укажаа дека претстојат низа активности кои треба да се преземат , од барање согласност од универзитетските клиники за вклучување во групна набавка, подготовка на тендерска документација, набавка и монтирање, пробна работа па дури потоа пуштање во употреба на станицата, а рокот да се заврши сето ова би бил шест месеци.

Кризата на Хирургија трае веќе цел месец, случајот го истражува и јавното обвинителство кое треба да утврди дали има елементи кривично на дело, а предмет отвори и Народниот правобранител, кој проверува колку операции се одложени, каков е третманот на пациентите кои се соочиле со одложување и дали се прекршени правата на пациентите.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави