Search
Search

„Илинденка“ се врати дома – во сабота македонскиот воздухоплов ќе биде изложен за сите граѓани

Првата македонска високо-способна возухопловна едрилица од стандардна класа „Илинденка“, произведена од „20 Мај“ од Скопје се врати во земјата и ќе биде изложена за време на аеромитингот по повод 100 години македонска авијација во сабота на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје.

Ова е резултат на тесната соработка и комуникација помеѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Димитар Ковачевски, како и на заедничката постапка што ја спроведоа министерствата за одбрана на Северна Македонија и Србија.

Едрилицата „Илинденка“ е донесена од Воздухопловниот музеј на Србија во Белград, каде што била сместена во тамошното депо и за прв пат после повеќе од 40 години, по повод 100 годишнината од постоењето на македонската авијација, ќе биде претставена пред публиката на настанот во Стенковец крај Скопје.

„Илинденка“ ќе биде во Македонија една година, а нашата страна има обврска да ја реновира и да ја презентира пред нашата јавност на едукативни настани и по повод јубилејот 100 години македонска авијација. Потоа „Илинденка“ ќе се врати во Белград.

Едрилицата за прв пат е приозведена и тестирана во 1955 година во Скопје и е изработена по принципот на дрвена конструкција со платнена обвивка и метални носечки и управувачки елементи.

Едрилицата станала светски позната по своето учество на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958 година, како дел од репрезентацијата на Југославија, а во 1969 година, летана од Павле Карушарев, член на аероклубот од Скопје, поставила македонски рекорд во должина на летање со едрилица од оваа категорија во траење од 9 часа и 8 минути.

Освен „Илинденка“ на аеромитингот утре, посетителите ќе може да уживаат и во акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.

 

АКТУЕЛНО