Search
Search
ФОТО: Wikimedia commons

Имаме ли кино-култура? Загрижува состојбата во „Милениум“

Снимањето филмови не е само уметност. Потребни се години пракса за да се негува и остро око за снимање филмови. Тоа е она што ја одвојува одличната кинематографија од правењето клише филмови.

Меѓутоа секогаш постојат средства или начини кои ќе се обидат да добијат на сметка на работата на уметниците или филмскиte продукции. Со самото доаѓање на интернетот, софтверските пирати преминаа кон дигитална дистрибуција на своите нелегално добиени софтверски пакети. Пред 1990 година најчестиот начин за илегално копирање се користеа флопи и ЦД дисковите, а сега тоа го прават различни илегални ИПТВ кои што придонесуваат во намалување на посетеноста во кино салите.

ФОТО: Превземано од ФБ профилот на Синеплекс

Дали нелегалните IPTV влијаат во кинодистрибуцијата и киноприкажувањето во Македонија

Редакцијата на Градска.мк се обрати до киноприкажувачите, односно до „Синеплекс“ да бара одговор на прашањето дали различните илегални начини влијаат во работењето на кино салите? на што Игор Мраков, маркетинг менаџер од „Синеплекс“ изјави дека пиратеријата влијае во посетеноста, но вистинските љубители на филмот никогаш нема да го заменат киното со пиратериска снимка.

„Секако дека дигиталниот развој, ИПТВ, пиратеријата влијаат на посетеноста, но сепак филм на големо платно со висококвалитетн звук, 3Д верзии никако не може да се спореди со ТВ екраните / компјутерите. Вистинските љубители на филмот тоа добро го знаат и никогаш нема да го заменат киното со пиратериска снимка или мал екран“.

Мраков понатаму нагласи  дека културата на одење во кино е постојано во нагорна линија, истакнувајќи дека имаше пад за време КОВИД пандемијата, што и беше очекувано со самото тоа што станува збор за затворен простор, ограничувањата, маските…

„По завршување на тој период, навиките на луѓето полека се вратија во нормала, па со самото тоа и посетителите повторно се вратија во Синеплекс“, истакна Мраков.

 

ФОТО; Тони Цифровски од ФБ профил

Со прикажување на хит филмови на денот на нивната светска премиера до намалување на влијанието на пиратеријата

Од друга страна Тони Цифровски, филмски критичар и уредник на Културната програма на Македонското радио-Радио Скопје за Градска.мк изјави дека своевремено пиратеријата имаше изразено негативно влијание врз кино-прикажувачката дејност кај нас, сега таквото влијание е барем намалено иако не и искоренето.

„Тоа се должи пред се на напорите на дистрибутерите и кино-прикажувачите големите светски хитови да ги носат во нашите кино сали на денот на нивната светска кино-премиера, додека недоволно комерцијалните наслови вистинската кино публика секако ќе сака да ги види во кино, па и за нив влијанието на пиратеријата е намалено“.

Киноприкажувачката дејност бележи раст – Загрижува состојбата во Градското киноМилениум

„Кино-прикажувачката дејност кај нас срамежливо бележи зголемување на капацитетите и повторно се рестартирани кино салите и во помалите градови, освен во Скопје и Битола (такви се на пример Свети Николе или во поново време Велес). Во Скопје пак освен 9-те сали на Синеплекс кои ја пропуштија најавената можност за освојување нови кино простори, загрижува состојбата во која се наоѓа најрепрезентативната кино сала во градот, Градското кино „Милениум“ со кое стопанисува МКЦ (како и со киното „Фросина“), а во кои дејноста е потисната на маргините на ангажираноста. Така, сега се доведуваме во ситуација да имаме периоди во кои Кинотеката презема дел од редовната кино-репертоарска понуда, за сметка на нејзината основна филмофилска задача“, рече Цифровски.

Од декларативно да се премине на применливост за законските одредби

„Нормално дека натамошното унапредување во грижата за постојната регулатива која нема да остане само на хартија е на листата обврски на државата која од декларативност треба да премине на применливост за законските одредби“, истакна Цифровски.

Тој понатаму истакна дека почитувањето на терен, а не само на хартија на регулативата за заштита на авторските права и создавањето услови за проширување на кинотечната мрежа низ земјава и особено стимулирање на конкуренцијата во таа сфера, мора да е императив на надлежните во следниот период.

Топ 10 најпиратирани филмови во 2022 година

Податоците доставени од истражувачката компанија Muso фокусирана на пиратеријата, ја измери активноста во 2022 година на широк опсег на пиратерски сајтови, вклучително и нелегално стриминг, торент, веб-симнување и платформи за рипување на пренос.

Резултатите откриваат дека филмовите со суперхерои имале доминантен удел во нелегално гледање во 2022 година, при што изданијата на Marvel и DC заедно сочинуваат 70% од побарувачката за пиратерија.

Најпиратираниот филм во 2022 година е „Spider-Man: No Way Home“ (Човек-Пајак: Нема пат до дома), потоа следат „The Batman“ (Бетмен), „Doctor Strange in the Multiverse of Madness“ (Доктор Стрејнџ во Мултиверзумот на лудилото), „Thor: Love and Thunder“ (Тор: Лубов и грмотевица), „Black Adam“ (Црниот Адам), Uncharted “(Немапирано), „Eternals“ (Вечните), „Top Gun: Maverick“ (TOP GUN: Маверик), „Jurassic World Dominion“ (Светот Јура: Надмоќ), „Encanto“ (Енканто). 

Назми Абдурахмани

АКТУЕЛНО