Search
Search

Инспекциите на терен: Кафеанџиите добија казни, но не ги тргнаа масите и столовите од кејот

И денеска, како и во изминатите неколку денови, маси и столови беа извадени пред застаклените делови на „Дион“, „Торос“, „Соул кичен“ и „Бела виста“ сѐ до првиот ред клупи на шеталиштето. Дали Општина Центар и Град Скопје имаат моќ да го спречат самоволието на кафеанџиите, на кои никогаш не им е доволно простор иако при реконструкцијата на кејот добија проширување на терасите за дополнителни 3,5 метри.

По три години откако беше уреден Кејот „13 Ноември“ и откако летните тераси, кои дотогаш беа распослани по целата пешачка површина, беа организирани, унифицирани и лоцирани пред самите објекти, деновиве повторно почна узурпација на јавниот простор. И денеска, како и во изминатите неколку денови, маси и столови беа извадени пред застаклените тераси на „Дион“, „Торос“, „Соул кичен“ и „Бела виста“ сѐ до првиот ред клупи на шеталиштето, иако викендов надлежните инспекции излегле на терен и казнувале.

Од она што можеше да се види на кејот останува дилемата дали Општина Центар и Град Скопје имаат моќ да го спречат самоволието на кафеанџиите, на кои никогаш не им е доволно простор иако при реконструкцијата на кејот добија проширување на терасите за дополнителни 3,5 метри.

Општина Центар информираше дека почнала со вонредни инспекциски надзори и контроли на правни субјекти што користат јавна површина за поставување урбана опрема. Контролите ги спроведувала општинската инспекција за да се спречи поставување урбана опрема без дозвола.

Правните субјекти што имаат поставено урбана опрема на јавна површина се должни да го усогласат своето работење, согласно одобрението што го имаат добиено од Општина Центар и Град Скопје. Сите правни субјекти што немаат соодветно одобрение за поставување урбана опрема на јавна површина ќе добијат глоби и казни од инспекциските служби на Општината – се заканија од Центар.

На прашањето кој издава одобрение за поставување урбана опрема на кејот и на плоштадот Македонија, од Општината одговараат дека тоа е во надлежност на Град Скопје, а инспекциски надзор врши Општина Центар.

Општина Центар е надлежна да врши инспекциски надзор, а според тоа и да изрекува казни и глоби на правни субјекти што бесправно и незаконски имаат поставено урбана опрема на јавна површина на територијата на општина Центар. Во изминатиот период спроведени се контроли од инспекциските служби на Општина Центар, преземени се мерки, санкционирани се, составени се записници и прекршочни пријави – тврдат од Центар без да прецизираат кои точно ресторани се казнети и колкава глоба треба да платат.

Сепак, како што посочуваат оттаму, инспекциски контроли на посочените локации може да вршат и инспекциските служби на Град Скопје и да изрекуваат глоби и казни за правните субјекти што постапиле незаконски.

И од Град Скопје тврдат дека пратиле инспектори на кејот.

Извршен е вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“. При надзорот е констатирана неправилност кај четири угостителски објекти. Од нивна страна е извадена урбана опрема на јавна површина. Ним им е изречена глоба – кусо одговараат од Градот.

Како што дознаваме, казнети се токму угостителските објекти што и понатаму не се откажуваат од намерата да си го прошират услужниот простор пред терасите за кои имаат дозвола и кои се застаклени и ги користат во текот на целата година како „пушачки“ дел. Инаку, казната за поставување урбана опрема без одобрение се движи од 1.000 до 1.500 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице.

Веќе извесен период и пред кафулето „Тренд“, лоцирано на градскиот плоштад се изнесени столови и маси надвор од застаклениот дел. Има ли овој објект дозвола за такво нешто?

Во однос на прашањето за кафулето „Тренд“, одобрението за поставување урбана опрема на јавна површина издало Град Скопје. Во наредниот период се планирани вонредни инспекциски контроли и преземање мерки за угостителите што излегуваат надвор од рамките на дозволената површина за поставување урбана опрема на територијата на Општина Центар – велат од Центар.

Како што е познато, Кејот „13 Ноември“ беше комплетно реконструиран, уреден и поплочен во мандатот на претходниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Тогаш просторот и покрај негодувањето на кафеанџиите, беше ослободен од летните тераси, а за возврат тие добија дозвола да имаат тераси само пред своите објекти, но проширени за дополнителни 3,5 метри.

Сега, со зголемените „апетити“ на газдите на овие угостителски објекти, треба да се справи актуелното градско раководство и да не дозволи повторно комплетна узурпација на овој јавен простор со маси, столови и чадори.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО