Search
Search

Инспекторите на Центар во контрола на градилиштата, лани изрекле 193 казни

Инспекторите на Општина центар во изминатата година изрекле 193 казни за нарушување на комуналниот ред, поднесени биле 104 барања за поведување прекршочни постапки и донесени 534 записници, што, како што информираат од Општина центар, е речиси двојно повеќе од претходната 2022 година.

Од Општината велат дека инспекциските служби периодов спроведуваат интензивни контроли на активните градилишта, при кои главниот фокус е дали се почитуваат прописите за јавната чистота со цел за намалување на аерозагадувањето.

Започнато е и уривањето на руинираниот и со години напуштен објект на Јужен булевар, па граѓаните кои живеат во околината реагирале на прашината во воздухот предизвикана од уривањето.

Изминативе денови извршени се надзори на десетина градилишта, при што дел од инвеститорите се опоменати, а пропишани се и казни за нарушување на јавниот простор и животната средина. По пријава од граѓани за висока концентрација на прашина во воздухот поради уривањето на напуштениот објект на Јужен Булевар, инвеститорот е опоменат да ја запази технологијата со распрскување вода за да се намали емисијата на штетните честички – посочуваат од Центар.

Оттаму додаваат дека продолжуваат и редовните контроли за да се спречи користењето штетни горива во грејната сезона, а дека на терен се и комуналните редари кои се справуваат со нелегалните продавачи на јавните површини. Надзори спроведува и градежната инспекција.

Продолжуваме со спроведување зачестени контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните – вели градоначалникот Горан Герасимовски.

 

АКТУЕЛНО