Search
Search

Интервју со Горан Сековски: Во нова зграда не може да се постави стандарден лифт затоа што градежниот дел се прави без консултации

Во светот на брзото развивање на технологијата, многумина ги земаат лифтовите како нешто сосема обично и секојдневно. Сепак, значењето на овие уреди надминува голем број на аспекти во нашето секојдневие и општество.

Индустријата на лифтови генерира милиони работни места во целиот свет, вклучувајќи ги инженерите, техничарите, и работниците во производството и одржувањето. Ова има значително влијание на економската стабилност и развојот на државите.

симпозиум „Безбедноста на лифтовите во сеизмички услови“

Градска.мк по отворањето на дводневниот симпозиум „Безбедноста на лифтовите во сеизмички услови“ направи интервју со претседателот на Македонското здружение на лифтови и  управител на ИТИ Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг Горан Сековски, на која меѓудругото кажа дека во земјава има околу 13.000 лифта, од кои поголемиот дел, можеби околу 70% до 75% се во Скопје. Тој кажува и дека секторот на Државниот Инспекторат одговорен за лифтовите (но и за друга опрема како што се дигалките, ескалаторите и жичарите) брои само 3 државни инспектори за целата територија на нашата земја. Сековски на интервјуто кажува и за тоа колку инвеститорите ги почитуваат правилата и законите на поставувањето на лифтови, за тоа што треба да се направи во случај на заседнат лифт, како и за многу други прашања.

Градска.мк: Колку регистрирани лифтови има во земјава, поточно во Скопје ако имате такви информации?

Фото – Горан Сековски

Сековски: Точниот број на лифтови не е познат, Државниот Инспекторат за техничка инспекција е задолжен да води евиденција и ја води, но во истата влезен е бројт на лифтовите кои се пуштени во употреба последниве 14 години, како и тие над кои е направен барем еден технички преглед и уредно се пријавени како такви во Инспекторатот. Таа бројка е околу 5.000 лифта на целата територија на РСМ. Но според проценките на Македонското здружение на лифтови (МЗЛ), кое црпи информации од стручната фела, на територијата на РСМ има околу 13.000 лифта, од кои поголемиот дел, можеби околу 70% до 75% се во Скопје.

Градска.мк: Дали имате информации кои општини во Скопје имаат повеќе проблеми во одржувањето на лифтовите?

Сековски: Таква информација немаме. Мислам дека проблемите се горе-долу исти во сите скопски општини, а тие во главно произлегуваат од финансиската моќ на сопствениците, но пред се` од се` уште неоформени минимални критериуми коишто треба да ги задоволат фирмите што се бават со одржување на лифтови. МЗЛ на своја иницијатива и во соработка со претставниците на заинтересираните фирми подготвува еден ваков предлог правилник со цел да биде дел од правната рамка. Со тоа секако би се подобриле услугите кои ќе ги даваат овие фирми. Сега имаме тотално неконтролирана состојба во овој дел, па можете да најдете сервисна фирма која има еден или двајца вработени, а одржува енормно голем број на лифтови во однос на нивниот капацитет. Тогаш се поставува прашањето, како можат овие фирми да прават месечен коректен преглед на секој лифт, којшто преглед е точно дефиниран со Правилник и каде е дефинирано како треба да се одбива и што треба се` да се провери.

Некои скопски општини според нашите сознанија, а можеби и сите, имаат финансиска програма за подржување на модернизација или замена со нови на постојните стари и небезбедни лифтови. Сигурни сме дека вакви грантови имаше од страна на општините Центар, Карпош и Кисела Вода, но како што кажав, немам податоци за другите кои можеби имаат исти вакви програми.

Градкса.мк: Дали Државниот инспекторат е на висина на задачата во проверката на исправноста или неисправноста на лифтовите во станбените субјекти?

Сековски: Државниот Инспекторат (ДИТИ) врши само надзор на пазарот, а проверката на исправноста и дали лифтовите ги задоволуваат минималните барања за безбедност ги вршат овластени од МЕ, претходно акредитирани од ИАРСМ, таканаречени Инспекциски тела. Овие извештаи, според Законот за ТИ, сопствениците со едно известување (или барање за ставање во употреба за нов лифт) треба да ги предадат во ДИТИ, а овие тоа го евидентираат или за нов лифт издаваат Решение за употреба, под претпоставка дека извештаите се со позитивен исход. Самиот Сектор на ДИТИ одговорен за лифтовите (но и за друга опрема како што се дигалките, ескалаторите и жичарите) брои само 3 државни инспектори за целата територија на нашата земја.

Градкса.мк: Колку ги почитуваат правилата и законите инвеститорите на повеќекатни згради во смисла на поставувањето на лифтови и нивната сигурност?

Сековски: За поставувањето на лифтовите во смисла на задоволување на капацитеот на вертикалниот транспорт, а во однос на нивната брзина и големина (површина на кабина) постојат правила кои се наоѓаа во одреден незадолжителен стандард, постојат и консултантки куќи кои можат тоа да го направат за инвеститорот, но факт е дека никој од инвеститорите не се консултира вистински за ова прашање, па дури некаде не се консултираат ниту за потребните габарите за лифтот кои тие го замислиле. Затоа имаме ситуации каде во нова зграда не може да се постави стандарден лифт затоа што градежниот дел е направен без консултации. Само како пример, за окното на лифтот постојат барања за сигурносни простори коишто ако не се предвидени во проектот, потоа тешко или е невозможно да се постигнат. Друг пример е кога во нова зграда, во еден влез во кои има 50 или 60 станбени единици имаме само еден лифт и тоа со помал капацитет, па луѓето го чекаат лифтот недозволиво долго. Можно е соните измени на Правилниците да се бара прво одобрување на градежниот и проектот за лифтот, па после одобрувањето да може инвеститорот да ја започне градбата. Така многу проблеми би се избегнале, но се уште ќе ни остане проблемот со вертикалниот транспорт и неговото оптимизирање.

Градска.мк: Колку се безбедни лифтовите во сеизмички услови?

Сековски: Кај нас, а со сигурност ви кажувам и во регионот, па и во Европа, се` уште овие барања не се вистински заживеани, дури од самите производители постои отпор. А секаде во Европа, постојат овие барања и истите се задолжителни за новите лифтови но состојбата на теренот е таква каква што е, за разлика од САД и Јапонија каде овие барања се задолжителни и се применуваат. Имаме случаи на примена само ако инвеститорот инсистира на вакви сигурносни додатоци.

Градска.мк: Какви се безбедносните стандарди и регулации кои треба да се спроведуваат во врска со лифтовите?

Сековски: Областа на безбедноста на лифтовите е целосно регулирана со Закони и Правилници, единствено треба сите да истраеме на нивното целосно имплементирање. Тоа значи дека од производството на лифтот и неговите сигурносни уреди до ставањето во употреба на инсталираниот лифт кај нас се`е регулирано.

Градска.мк: Како се управува со ситуации на заседнат лифт или други непредвидени инциденти?

Сековски: Ако некој се најде во заседнат лифт како што велите, не треба ништо да прави. Така лицето е најбезбедно и ве молам тоа да го потенцирате. Треба да повика сервис од мобилен ако има, да ѕвони на алармот и каде што има гласовна врска да се вклучи и да побара помош. Понатаму само треба да биде стрплив. Апсолутно ништо не треба да презема бидејќи во тој случај може да дојде до повреда, па дури и повреда со сериозни последици или смрт.

Градска.мк: Како технологијата и иновациите влијаат на безбедноста на современите лифтови?

Сековски: Секогаш на подобро. Новата технологија и новите стандарди секогаш ја подигаат безбедноста на лифтот на повисоко ниво.

Како може обичните корисници да ги подобрат своите безбедносни навики при користење на лифтовите?

Корисниците треба само да се придржуваат до едноставното упатство за употреба и лифтот треба да го користат за тоа што е наменет. Не треба да се унишува и да се оштетува инвентарот (посебно да не се палат внатрешните делови), сигнализацијата и копчињата за повикување. Таму каде што кабината нема врати која што состојба може да се најде кај лифтови монтирани помеѓу 1974-86, потребно е да се стават иги молиме самите станари да инсистираат на тоа. Покрај што тоа е задолжителна мерка за старите лифтови, немањето на врати претставува огромен ризик за корисниците.

Градска.мк: Ако има некаков проблем со лифтот каде може да се обратат граѓаните?

Сековски: Прво би требале да се јават кај фирмата којашто го одржува лифтот. Потоа можат во ДИТИ, а секогаш може да побараат помош од МЗЛ.

Назми Абдурахмани

 

АКТУЕЛНО