Интервју со Мартина Димоска: Потрагата по вистината ми ја разбуди љубовта кон Вселената

Со својот активизам и ангажман, Мартина Димоска самоиницијативно ја става Македонија на „Мапата на светот“, вметнувајќи ја во институции и реномирани организации, каде што досега не постоеше и не беше претставена, и тоа со својата посветеност и труд.

Таа е дипломиран инженер за материјали и нанотехнологии на ТМФ, УКИМ, каде што добива А стипендија од МОН за нејзиниот висок просек во текот на нејзиното студирање. Во интервју за Грдска.мк таа открива дека  за време на студиите во Македонија учествува на бројни натпревари, настани и студентска размена во странство.

Димоска припаѓа на првата генерација студенти на Алумни програмата „Глобал УГРАД“ по што студира на Државниот универзитет во Кент, а подоцна добива стипендија од „Aldrin Family Foundation“, култно презиме во вселенската индустрија, и се запишува и завршува на постдипломски „Commercial Space Studies“ на „Florida Institute of Technology“ во Флорида во САД. По завршувањето на овие студии, Мартина стана стипендист на „Master of Space Studies“ на „International Space University“ во Стразбур, Франција.

Димоска е вклучена во NASA Space Apps од 2014 година, а по неколку години активно учествува прво како натпреварувач, а подоцна и како ментор. Од 2019 година, таа е вклучена во главниот организациски тим во Кливленд, Охајо, во САД.

Како и претходните години, Мартина е главен организатор на NASA Space Apps Challenge Mountain View во Силиконската долина во Калифорнија кој се одржува во NASA Ames Истражувачкиот Центар како и на NASA Space Apps Challenge Cleveland, Oхајо кој се одржува во NASA Glenn Истражувачкиот Центар.

 

Градска.мк: Што ви ја разбуди љубовта кон Вселената?

Мартина Димоска: Потрагата по вистината. Од малечка бев навистина љубопитна, но и многу темелна при истражувањата на сите оние прашања кои што ги одгатнував, па така, бидејќи вселенскиот сектор ги крие најголемите тајни и мистерии според мене, природно некако се пренасочив на тоа поле и професионално.

Градска.мк: Вие сте од Кичево, колку често го посетувате својот роден град?

Мартина Димоска: Во моментов ви пишувам од таму, пред да тргнам за Полска, за мојата трета Аналогна Астронаутска Мисија што ќе ја служам престојниов период. Го посетувам родното Кичево секогаш штом имам прилика за да поминам што повеќе време со најблиските.

Градска.мк: Бидејќи дел од образованието го поминавте во Македонија, кои се клучните разлики со она во странство и која порака би ја испратиле на младите генераци?

Мартина Димоска: Можностите за личен развој и професионален напредок се инстантни во странство, секако доколку си поседуваш способности и знаење. Во една година можеш да се запознаеш и работиш со врвни професионалци кои ќе најдат начин да те вклучат и да ти дадат шанса да го докажеш она што го знаеш. Секако мора да вложиш многу труд на раст и развој за да припаднеш во светските кругови во вселенскиот сектор, не само од финансиска и образовна гледна точка, туку и да си флексибилен и со отворен ум за да се припоиш на друга поинаква култура и да бидеш свесен за твоите доблести и маании да вложиш во самоанализа и личен развој. Важни се многу фактори за да си конкурентен на светскиот пазар: Oд твојот „речник за пишување трудови“, до твоите спобности во лабараторија, колку добро ги толкуваш и следиш новите трудови што константно излегуваат, твоите способности за изразување и презентација, до тоа колку си вешт во дигитални алатки и колку брзо можеш да научиш работи што не ги знаеш.

Градска.мк: Дел сте од програмата „Masters of Space Studies“ на „ ISU“ што значи тоа за твојот професионален развој и какво е значењето на оваа престижна програма?

Мартина Димоска: Точно е, јас сум дел од програмата „Masters of Space Studies“ на „International Space Univeristy“ и успешно ги имам завршено сите испити, проекти и истражувања од сите модули. Последен за исполнување е модулот кој всушност е практичен дел, кој  допрва ќе го реазлизирам, и за тоа би зборувала во иднина,  штом успешно се завршат сите процедури и целата потребна документација.

Самиот пристап до целата мрежа на алумни на ISU пласирани на највисоките позиции во индустријата ни дава можност за полесни вмрежувања што отвораат нови можности. Преку ISU дознав и научив многу, и успешно се пласирав на најважните настани, случувања и конференции во ова поле. Една од нив е и најстарата International Astronautical Federation или IAF каде лани ја добив престижната награда Emerging Space Leader Award при апликација со мој научно-истражувачки труд што се зачна токму на ISU.

‘International Space University’ – ISU се смета за вселенска лулка во Европа но и пошироко, затоа што сите Вселенски Агенции ширум светот ги ообучуваат кадрите на овој универзитет специјализиран за Вселенските Истражувања. ISU има богата историја, основачи се култните Peter Diamandis, Robert D. Richards и Todd B. Hawley. Претседател на ISU беше и Астронаутот Buzz Aldrin, вториот човек што има стапнато на месечината после Neil Armstrong на Apollo 11 Мисијата. Сегашниот претседател на ISU е Pascale Ehrenfreund и иако овие имиња на македонската јавност можеби не и се познати, во вселенскиот сектор се навистина важни. Имаме часови од лидери на вселенски агенции како и на приватниот сектор, астронаути и врвни истражувачи, и можност да учиме од најдобрите.

Градска.мк: Од натпреварувач до организатор на NASA Space Challenge Mountain View и NASA Space Apps Challenge Cleveland раскажи ни повеќе околу твојот пат?

Мартина Димоска: Сметам дека кога се приклучив на хакатонот во Кливленд во Америка добив вистинска шанса да растам и да се докажам. Сплет на околности доведоа до неизвесност во пандемијата, па предходната организаторка Сара ме подучи како да превземам водство на хакатонот и да продолжам по нејзините стапки. За да ги реализираме овие два хакатони успеав да станам ‘contractor’ со цел да ги одржиме во НАСА Истражувачки Центри. Освен што скучивме договор со NASA Glenn Истражувачкиот Центар , успеав да стапам во партнерство со NASA Ames Истражувачкиот Центар самоиницијативно, преку лични контакти и лобирање. Повеќе од година дена работам и со други организатори на други локации со цел да им помогнам да склучат слични договори со Истражувачките Центри во нивниот регион и ќе ми биде навистина драго доколку секоја локација во Америка близу НАСА истражувачки центар стапи во едно вакво партнерство.

Би сакала да ги поканам сите да ни се придружат онлајн или пак доколку исполнуваат услови, со физичко присуство на хакатоните што ги организираат мешани тимови каде што има голем број на Македонци во организацискиот тим:
1. NASA Space Apps Challenge Mountain View, Silicon Valley, California што се одржува во NASA Ames Истражувачкиот Центар
2. NASA Space Apps Challenge Cleveland, Ohio што се одржува во NASA Glenn Истражувачкиот Центар
3. NASA Space Apps Challenge Skopje, N.Macedonia
4. NASA Space Apps Callenge Strumica, N.Macedonia

Има можност да ни се приклучите како натпреварувачи, ментори, судии, спонзори или пак како дел од организацискиот тим оваа година. Мене ми е многу драго што постепено колективно градиме една здрава вселенска заедница со вистински вредности.

Градска.мк: Веќе учествувавте во симулациски истражувања наменети на Марс, но дали сте подготвена за лет во Вселената и дали тоа е дел од следните чекори во процесот на образованието или потоа?

Мартина Димоска: Со комерцијализирањето на вселенскиот сектор, многу од нас за кратко време би биле подготвени за лет во Вселената. Потребен е само буџет за тоа да се реализира.

Во мојот случај, освен искуствата што ги стекнувам во екстремни услови при Аналогните Астронаутски Мисии имам и NAUI Open Water Diving Certificate а ја одбрав NAUI програмата за сертифицирање затоа што Американските воени единици Navy Seals како и „Neutral Buoyancy“ Лабараторијата на НАСА во Хјустон Тексас (САД) ги тренира своите астронаути за нивните вселенски прошетки по оваа програма. Јас учев да нуркам за време на викендите при моите магистерски студии, и патував од Франција во Германија, каде нуркавме во зима на минус температури.
Дополнително, неодамна станав главен вселенски амбасадор на НАСТАР, успешно завршувајќи ја обуката за суборбитални вселенски летови, каде ми беа доделени NASTAR крила. Што значи ова? Сертифицирана сум за суборбитален вселенски лет, преку NASTAR Центарот, нивен НАСТАР (NASTAR) амбасадор со доделени NASTAR крила. Националниот центар за воздухопловна обука и истражување (NASTAR) на ЕТЦ (ETC) е првиот центар одобрен од Федералната авијација (FAA) на САД којшто може да ги исполни барањата за обука за комерцијални човечки вселенски летови. NASTAR е препознаен лидер во обуката за орбитални и суборбитални вселенски летови и таму тренираат астронаути од SpaceX, Axiom Space и Virgin Galactic. NASTAR ја тренира војници и пилоти, а секако инсталира и ‘centrifuges’ во војските на други држави.

Градска.мк: Неодамна бевте дел од една аналогна мисија во Шпанија, може ли да ни раскажете малку повеќе околу ова искуство?

Мартина Димоска: Јас бев дел од мојата втора аналогна астронаутска мисија наречена APICES (Astroland Project Inside Caves for Earth-based Space Exploration) која што беше воспоставена од ЕСА-поддржаниот стартап ICEE Space и Аstroland Interplanetary Agency. Мисијата се одвиваше во живеалиште сместено во пештера изолирана од светот, во заштитен национален парк во Arredondo (Cantabria) Satander, Шпанија.

Првиот чекор кон воспоставување човечка колонија на Марс е да се реплицираат условите за живот на Црвената планета. За таа цел, Астроланд има создадено научна вселенска станица наречена Арес длабоко во срцето на пештерата потпомогната со уште едно помало живеалиште наречено „Xplorer Outpost“. Бевме шест члена на екипажот, а мојата примарна улога беше Инженер на екипажот, а секундарна улога беше „outreach lead“. Командир на Мисијата беше ЕСА Астронаут Резервистот Алеш Свобода.

Некои истражувања тврдат дека човештвото за да биде заштитено од опасности како што е Соларната радијација при помалата Марсовска гравитација, луѓето би требало да живеат во Марсовските лава шуплини. Ова е предноста на Астроленд која работи како прва постојана, plug-and-play подземна аналогна станица во пештера долга 1,5 km и висока 60 метри во Сантандер, Шпанија. Astroland ја има обезбедено пештерата за нивно истражување, и таа е целосно заштитена и комплетно отсечена од остатокот од светот, и само истражувачи при Astroland имаат пристап до внатрешноста.

Мисијата беше екстремна, поради самиот терен во пештерата, студот, високото присуство на CO2 во живеалиштето, напорниот распоред, прекините на струја кои беа честа појава на вистинско итно сценарио но и екстремните „food and water rations“. Имавме само 2 литра на ден по човек, (за компарација, на меѓународната вселенска станица конзумираат 4 литри на ден по човек) со кои вршевме хигиена и ги конзумиравме, а секако и ја растворавме нашата замрзната и сушена „freeze dried“ храна. Имавме многу истражувачки партнери, и голем број на експерименти, а со тоа и доста напорна агенда.

Дел од кспериментите што мене ми беа најинтересни се следниве:

Поле: Роботика

1. Инспекција на живеалиштата (i-HMTLHI) – Оваа студија се фокусира на
истражување на здружувањето на човек со машина во контекст на инспекција на
лунарните живеалишта. Увидите добиени од ова истражување ќе играат клучна
улога во информирањето за развојот на упатства, протоколи и најдобри практики
за олеснување на ефективната соработка помеѓу луѓето и машините во вонземски
средини. Примарната цел е да се идентификуваат клучните области кои директно
влијаат на луѓето во процесот на извршување на обврските, овозможувајќи ни да
ги оптимизираме алгоритмите, операциите и процедурите кои можат лесно да се
преведат во различни активности како што се навигација, изградба, ископување,
земање примероци за тестирање и човечка конгниција. Понатаму, резултатите ќе
постават основа за идно проучување со поширок опсег за тестирање и оценување
на автономните пристапи потребни за фокус групата LSIC на НАСА.

2. БАТС Дрон (Биом Автономен Тополошко Скенирачки дрон) – Овој проект има
за цел да употреби мало беспилотно летало (дрон) опремено со теснопојасен
сензор за спектрална рефлексија за мапирање на биомот на пештерата. Со
користење на оваа технологија, аналогните астронаути ќе имаат можност да земат
примерок од биофилм на недостапни локации и да ја истражуваат пештерата,
собирајќи важни податоци за топографијата на биомот во пештерата. Собраните
информации ќе го олеснат мапирањето на животната средина и имаат потенцијал
да откријат нови форми на живот во непознати области. Проектот се стреми да го
автоматизира целиот процес на собирање, обработка и операции на податоци за
животната средина за пештерски мисии, револуционизирајќи ја ефикасноста и
точноста на собирањето и анализата на податоците.

Поле: Човечки фактори

1. Симулација на сценарио за итни случаи – Тимска работа и аспекти на човечки
перформанси за време на мисијата и симулирана итна вселенска прошетка (EVA)
2. Краток опис за животот на Марс (дневник) – Разбирање на индивидуалната
перцепција на вселенските аналогни мисии со цел информациите на екипажот да
користат како подготовка за идните вистински вселенски мисии.
3. Групни динамички измени – Разбирање на развојот на групната динамика помеѓу
членовите на екипажот и членовите на одделот за контрола на мисијата во
изолирана група за со цел содржината на овие студии да придонесе кон
подготовка за динамиката и очекувањата кон идните вистински мисии.
4. Промени во перцепцијата на животната средина – Испитување на промените на
стимулите на животната средина и про-еколошкиот поглед на светот за време на
изолацијата.
5. Биомониторинг за развој на стандардизирана база на податоци за човечки
аналогни истражувања, тестирање на хипотези и идно дигитално
моделирање – Пилотска студија за повеќеслојно собирање на податоци од
околината и од биометриските податоци на аналогните астронаути. За време на
мисијата ќе се земаат брисеви за микробна, метаболичка и хемиска експозомска
анализа. Ќе се земаат примероци од крв за анализа на маркерите на имунитетот.
Континуирано следење на физиолошки сигнал и видео снимки без аудио за
тестирање на софтвер за препознавање емоции и зголемена ситуациона свест за
анализа на податоци. Овие податоци ќе бидат придружени со податоци од
психолошки и когнитивен тест збогатувајќи ја базата на податоци. Податоците ќе
служат за тестирање на поединечни хипотези за врската помеѓу аналогните
астронаути и нивната околина, како и основа за идно моделирање со помош на
Вештачка Интелигенција/Машинско Учење. Освен хипотезите за истражување,
оваа пилот студија ќе се тестира соодветноста на оваа поставеност за идни
аналогни мисии со крајна импликација на вистинските мисии.

Поле: Животна средина и био-наука

1. Астробиологија – Продолжување на постоечките мисии на локацијата Астроленд
на прибирање примероци и анализа на биофилм со цел да се создадат вештини за
потрага по траги на живот на други планети.
2. Наука за биомите – Тестирање на условите во пештерата (температура, влажност,
CO2, итн.)
3. УВ – Вселенско перење облека – Развој на механизам за ублажување на Micro-
401 со намалување на бројот на микроби со користење на УВ светлина, со што се
минимизираат штетните ефекти од инфекција на кожата и алергиските реакции за
време на долготрајните мисии на Марс.

Градска.мк: Може ли да се балансира меѓу приватниот живот и оваа професија и кои се вашите интереси, хобија и слично?

Мартина Димоска: Вселенската индустрија е една од најзахтевните индустрии и поради тоа што доаѓам од земја што нема Национална Вселенска Агенција која ќе инвестира во мене, како што е тоа чест случај со моите колеги, често мора да зараборувам сама и да реинвестирам во своето образование, а со тоа и во мојата вселенска кариера. Па затоа мора да работам на повеќе проекти одеднаш, што знае да биде исцрпувачки. Но има многу инспиративни жени во секторот кои негуваат различити хобија и интереси надвор од вселенската индустрија, и штом го стигнам кариерното нивото што го имам зацртано, ќе можам да имам побалансиран приватен живот исполнет со сите оние интереси и хобија кои периодов се на пауза.

Градска.мк: Нешто што испуштивме да ве прашаме, а би сакале да споделите со нашите читатели и секако порака за сите за крај на интервјуто?

Мартина Димоска: Доколку нешто сум испуштила, или читателите би сакале повеќе информации, секогаш може да ме добијат на социјалните медиуми, како на пример мојот Инстаграм @astro_smarta а пораката е никогаш да не се откажуваат од нивните соништа, без разлика колку и околината да им вика дека не се возможни.

Подготви: Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави