Избричените глави на притворените за Вања се од безбедносни и психолошки причини, а не за да бидат „жигосани“

„Не се жигосани, туку одземено им е правото на избор“. Со овие зборови, директорот на истражниот затвор Скопје, Филип Андов, за „Слободен печат“ го објаснува вчерашниот начин на спроведување во суд на четворицата осомничени за грабнувањата и ликвидациите на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74 – годишниот Панче Жежовски. Осомничените Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски пред судија на истражна постапка беа донесени под најсилно полициско обезбедување, но и со забележително променет личен опис – главите им беа избричени, немаа брада, носеа затворски комбинезони, со наведнати глави.

Директорот на затворот Скопје, Филип Андов во разговор за „Слободен печат“ се согласува дека оваа глетка не е честа, но причината е што не се чести ниту ваквите сомнежи за кривични дела.

– Ние како затвор Скопје, имаме домски бербер кој што е во постојан работен однос на Затвор Скопје. Правилникот за осомничени за вакви монструозни дела го носи директорот, односно јас лично. Јас сум тој што дава насоки за чување, распоредување, користење на дозволени предмети, поволности, физички изглед и користење гардероба. Досега во Македонија не се забележани вакви грозоморни дела, па затоа не сте можеле ни да бидете запознаени со ваквите уредби и насоки на затворот, а можеби и некој мој претходник не ги спроведувал. Меѓутоа, додека јас сум директор, онаму каде што ќе има тежок криминал од обликот на тешко насилство, тероризам и кривични дела од тежок облик на казнивост, ќе се запознаете и ќе видите ваков пример на носење притворени лица. Причините за бричењето на главите се хигиенски, но и безбедносни, за полесно прегледување на повреди ако се нанесе повреда. Не се жигосани, туку одземено им е правото на избор да носат фризури или брендирана гардероба, рече Андов.

Безбедноста на притворените лица е осигурана и со тоа што се во посебни ќелии. Никој со никого не може да се види, ниту пак да знае каде е.

За тројца од осомничените, „Слободен печат“ има информации дека кобната ноќ пред да ја грабнат и убијат Вања, ја поминале во седиштето на политичката партија на која биле членови, заедно со првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо кој е лидер на партијата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на синоќешната прес-конференција на која што соопшти дека Палевски е фатен во Турција и ќе биде екстрадиран за да одговара пред законот, кажа дека оваа политичка партија треба да биде дерегистрирана, поради тоа што е гнездо на криминалци со анти-европски ставови.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави