Search
Search

Изложба на 150 графички дела од Графичка работилница „Софија“

Минатата недела беше отворена петтата по ред триенална изложба на Графичката работилница „Софија“ од Богданци во Културно информативниот центар во Скопје. Поставени се 150 графички листа, креирани од млади уметници од целиот регион, која е една импозантна бројка кога станува за дела од областа на графиката.

Работилницата е со 17-годишна традиција низ која досега продефилираа околу 250 талентирани уметници од ликовните академии во регионот, но и од други европски држави. Изложбата на создадените дела во последните три години ја отвори раководителот на графичката работилница, Виктор Семенпеев.

Целта на Графичката работилница „Софија“ е популаризирање на графиката како начин на уметничко изразување и размена на искуства меѓу младите графичари од различните графички школи од регионот.

Промотор на изложбата беше Илија Ико Каров, кој ја истакна важноста на оваа работилница: „Бројот три во нашата цивилизација има многу големо значење. Покрај тоа што застапува многу возвишени нешта во различни култури на сите страни на светот, особено во нашата микро цивилизација, тој претставува многу големо нешто, го претставува светото тројство и во тој контекст сакам да спомнам дека бројот три секогаш кога ќе го спомнете во ликовен контекст ме потсетува на една иста работа, а тоа е триеналето на Графичката работилница „Софија“ од Богданци“.

Организатор на работилницата е Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, а главен поддржувач на настанот е Печатница Софија Богданци, како и Министерството за култура. На работилницата до сега имаат учествувано уметници од академиите во Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Осиек, Љубљана, Варшава, Солун, Сараево, Софија и Скопје.

Изложбата ќе биде отворена до 13 февруари 2024 година.

 

АКТУЕЛНО