Search
Search

Како се славело во Скопје? Новата година станала национален празник во 1955 година, Дедо Мраз дошол по неколку години

Во првите години на комунизмот, во согласност со политиката на потиснување на српскиот национализам, во Архивот на Југославија постојат документи со кои строго се наредува новогодишните подароци да се повлечат од продажба во време на верските празници.

Во подоцнежните години властите попуштиле, па на православна Нова година се пеело „Ко то каже, ко то лаже“.

Новогодишните телевизиски програми започнувале со вести со водител пред накитена елка, а потоа се приклучувале водители од другите републички студија.

По нив следувала хумористична програма, а на полноќ се пеела „Од Вардара до Триглава“.

Најпопуларните ѕвезди секогаш биле вклучени во музичкиот дел од програмата, се правеле специјални серии и најгледани емисии, но и специјални хумористични скечеви.

Задолжителен дел од програмата биле и извештаите за тоа како другарот Тито ја дочекал Новата година.

Нова година, празник на сите народи и националности

Активистките на АФЖ (Антифашистичкиот фронт на жените) биле најгласни во барањето во новата Југославија Новата година да биде празник на сите народи и народности и да го заземе местото на Божиќ.

Новата година официјално станала национален празник во 1955 година, а Дедо Мраз бил прифатен како „политички коректен“ неколку години подоцна.

Во 60-тите години, додека Дедо Мраз ги посетувал социјалистичките претпријатија, на пионерите им раскажувал дека патувал низ целиот свет и дека за децата никаде не било толку убаво како во СФРЈ.

Што се случувало во Скопје?

Во едни во не така дамнешни времиња Новата година во старо Скопје се дочекувала и во кино салите – култните места каде децата и младинците безгрижно славеа, а тому сеќавањата за тие безгрижни денови им ја топлат душата на многу, сега веќе, повозрасни скопјани.

-Се што е поврзано со пречекот, ме враќа години назад, буди чувства на смеа, жалење, чудење, но и скриена топлина, која наивно со истиот трепет, ми ја разгалува душата, се сеќава скопјанката Костадинка Бошковиќ.

-Незаборавен пречек. Нова година во кино.Да, сите кино сали во Скопје, организираа пречек на Нова година. Се прожектираа по два филма, а меѓу нив имаше лотарија. Како прво доживување, го паметам првиот филм ” Продавачка на љубичици”. Потоа се запалија светлата, започна лотаријата, а ние со билетите во рака во грчевито исчекување. Не добивме ништо. Можеби поради силното разочарување не го паметам вториот филм. Дремката го направила своето. Надвор не пречека студена, снежна ноќ. Од кината се слеваа минувачи. Јас мислев на креветот и едвај чекорев покрај родителите, ги споделува таа своите спомени во фејсбук групата „Стари скопјани“.

Бошковиќ сподели уште едно новогодишно искуство од минатиот век во Скопје.

-Радио Скопје, кон крајот на 50- те години, имаше посебна новогодишна програма, средба со минувачите и исполнување на музички желби. Кога на радио ќе слушневме, дека репортерите се близу Ново маало, ние децата од осумте фамиилии, кои живееме во истиот двор, онака по џемперчиња или наметнати капутчиња, истрчувавме на главната улица. За музичката желба, по подолга расправија ќе се договоревме и потпевнувајќи ја ” Тата купи ми ауто” чекавме. Некој ќе се спуштеше на лизгалката, некој ке се оддалечеше од групата, сакајќи прв да го сретне возилото. А, возила, никаде. Немаше ни минувачи. Разочарани, што не одминале, се вракавме дома, сеедно во чија дома. Никој не не бркаше. Некаде радиото беше на масичка, на витрина или на мала полица на ѕид. Тогаш се качувавме на креветите, да бидеме поблиску до звучникот и викавме во радиото, репортерите да не слушнат. Оној, кој беше поитар, ќе не убедеше во витината, дека го слушнале, и пак со трчање на улица, чекавме. Што е најбитно, никој од родителите, не ни ја уништуваше забавата, да ни кажат, дека емисијата не оди во живо. Кој знаеше за новото чудо – магнетофон, лента, снимање, подоцнешно емитување. За нас, радиото си беше дежурно дење и ноќе, ” очи во очи” и ” уво до уво”, така никој не можеше да не убеди во спротивното. Репортерите беа убедливи во кажаното и никаква помисла дека и тие слават, не не колебаше. Па радиото имаше копче. Ако го пуштиш, репортерот е тука, и секогаш тука, раскажува со посебна носталгија таа.

 

АКТУЕЛНО