Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид организираше голема еколошка акција за чистење на Охридското Езеро. Од дното на езерото нуркачите извадија огромна количина на разновиден цврст отпад: шишиња, лименки, пластика, конзерви и друго.
Акцијата насловена „ОХРИД ЕКО 2023“ беше изведена на две локации – кај изворите на Црн Дрим кај Свети Наум и на пристаништето, на источниот брег на езерото.
Во акцијата учествуваа 28 нуркачи од Нуркачкиот Центар Амфора, Спелеонуркачки клуб Врело од Скопје како и припадници на нуркачкиот тим на БСС на АРМ кои се вклучуваат во сите поголеми еколошки акции и активности што ги организира Нуркачкиот Центар Амфора, се вели во соопшението.
Тие потенцираа дека најголемата количина на цврст отпад доаѓа преку реките кои се влеваат во езерото и носат огромни количини на отпад.
Раководителот на „Амфора“, Јован Секулоски, појасни дека пред неколку години дале предлог да се изградат минибрани со кои во голема мера ќе се намали количината на отпад што завршува во езерото.