Search
Search

Камениот мост – симбол на градот и неговата историја

Камениот Мост е симбол на Скопје. Тој е приказ на историската траекторија на градот, од античките времиња, преку средновековието, па се до денес. Тој ги преживеал земјотресите, војните и многуте промени кои го обликувале градот и останал симбол на трајност и врска меѓу минатото и сегашноста, Камениот Мост останува вечен сведок на времето и неразделив дел од душата на Скопје.

Реката Вардар во центарот на Скопје ја премостува Камениот мост, еден од најважните урбанистички мотиви на Скопје, кој со својата убавина и импозантност стана и еден од симболите на овој град.

Камениот Мост, кој гордо се извишува над реката Вардар, е една од најпознатите и најзначајни историски градби во Скопје. Овој монументален мост не само што го поврзува центарот на градот со старата чаршија, туку е и сведок на вековите кои минале, носејќи со себе многу легенди и приказни.

Историја и контроверзии за изградбата

Камениот Мост, според некои историчари, бил изграден за време на владеењето на царот Јустинијан I во VI век, додека други сметаат дека неговата изградба започнала во XV век, за време на Османлиското Царство. Според втората теорија, мостот бил подигнат во периодот од 1451 до 1469 година, во времето на султан Мехмед II Освојувачот.

 
Камениот мост ги поседува карактеристиките на османлиска градба, т.е, ги има сите елементи на еден османлиско – турски мост. Меѓутоа, и покрај видливите карактеристки на самиот објект, не ретко, некои автори велат дека овој мост е дело на Римјаните, други пак, тврдат дека потекнува од српска епоха, го нарекуваат дури и „Душанов мост“. Се среќава и податок дека мостот го изградил Крали Марко.

Во периодот од 1972 – 1973 година Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје вршеше археолошки испитувања на Камениот мост кои не укажаа на какви и да е елементи што би зборувале за постоење на некоја постара градба на ова место.

На нишата или како што се нарекува Стражарска кула која свечено била пуштена во 2008 година поставен е натпис кој гласи:

Споменик на културата

Камен мост – Скопје

Обновен е од 1421 – 1451 година во времето на султан Мурат Втори врз фундаменти од 6 век.

Реконструкции се вршени во 1555 година, во 18, 19 и почеток на 20 век.

Последната реконструкција е почната во 1994 година.

Стражарницата во форма на михраб е обновена во 2008 година.


 

Околу поставувањето на овој натпис се водат уште полемики бидејќи не е точно утврдено од кога датира мостот. Според Лидија Кумбараџи настанокот на Камениот мост треба да се бара во периодот од заземањето на Скопје од Турците, во периодот од 1391 па сѐ до 1469 година, кога за прв пат се споменува во писмените извори. Па така настанокот на Камениот мост се поврзува со султаните Мурат Втори и Мехмед Втори Освојувачот кои владееле еден по друг во периодот од 1421 до 1481 година.

Хума Шах Султан се споменува како ктиторка на повеќе објекти изградени во Скопје, меѓу кои и на Камениот мост. Таа била личност од царско потекло, живеела во Скопје во 15 век каде што имала голем вакаф и починала во Скопје. Имотот што го поседувала го завештала за потребите на училиштето и завието што ги изградила во самото Скопје, веднаш до мостот, како и за турбето што се наоѓа во Бурса. Гробот на оваа личност се наоѓал во турбето што било лоцирано до Камениот мост,во непосредна близина на Бурмали џамијата.

Зачувување и Реставрација

Камениот Мост, како значаен споменик на културното наследство, е предмет на редовни реставрации и зачувување. И покрај сите предизвици, градските власти и институциите за културно наследство прават се што е можно за да го зачуваат неговиот оригинален изглед и структура.

Една од поголемите и значајни санации на Камениот мост на Вардар, направена е во 1579-80 година. Тоа било за време на владеењето на султан Мурат Трети. При оваа санација, на мостот бил поставен натпис. Дел од содржината на натписот ни е познат и денес, благодарение на преписот што го направил Евлија Челебија и го забележал во своите патописи. Тој напис, што подоцна исчезнал гласи:

„Оние кои видоа како е поправен овој мост на кој му нема рамен, го пофалија зборувајќи: „Од претходниот е многу подобар“. На народот му беше по волја оваа поправка.

Значајна санација на мостот е направена и во 1817 година. Мостот е саниран во втората половина на 19 век и за време на владеењето на Ахмед Ејуб паша. Тогаш се поправени четирите последни сводови, оние во правец на Калето и Чаршијата. Наместо од камен, тие четири сводови биле изѕидани со цигла.

Особено значителна санација била направена во почетокот на 20 век во 1911 година, кога скопјани еуфорично се подготвуваат за посетата на султанот Решад Мехмед Петти и во негова чест го реновираат мостот при што поставена е нова железна ограда. На негова иницијатива била пробиена и нова (Јени) улица, (денес улица Македонија).

Во 1937 година во чест на јубилејот, 25 години од српското освојување на Македонија, покрај Камениот мост се поставени споменици од српските кралеви Петар и Александар.

Во периодот од 1960 – 1970 година на Камениот мост се одвивал и сообраќај. После поплавата во 1962 година, мостот бил единствено врзувачко ткиво на двете страни на градот.

Од 1971 година со изградбата на новиот мост „Гоце Делчев“, Камениот мост се растовари од големиот сообраќај и стана исклучително пешачки мост.

На двете страни од мостот имало и помошни монтажни скали за да се симнеш на Кејот. Меѓутоа после земјотресот од 1963 биле отстранети бидејќи биле трули и распаднати. Во периодот на последното  реновирање биле пронајдени и бомби од Втората светска војна, неексплодирани.

Веднаш до мостот постоел еден стар чинар кој го исекле српските власти затоа што ја попречувал глетаката кон српската управа и кон спомениците на крал Петар и Александар.

Има теории дека на овој чинар бил обесен и војводата Карпош, а претходно бил наденат на кол на Камениот мост. Го оставиле да виси на чинарот за да сеат страв кај граѓанството.

Архитектонски карактеристики

Мостот е изграден од масивни камени блокови, со единаесет полуцилиндрични сводови кои му даваат впечатлив и елегантен изглед. Со својата должина од 214 метри и ширина од 6 метри, мостот е симбол на трајност и издржливост, пркосејќи на времето и природните стихии.

Постојат различни податоци по однос на бројот на лаковите од мостот.

Што се однесува до бројот на лаковите треба да се истакне дека беа видливи 10 столбови и 11 лакови. Во археолошки интервенции кон левиот брег на реката Вардар откриени се затрупани лакови. Овој дел од мостот повеќе пати страдал и вршени се повеќе интервенции. Точната претстава за овој дел на мостот би се добила со отворање на целиот мост тоест и од левата страна, како што е направено од десната страна каде што е откриен уште еден лак што беше затворен со кејскиот ѕид кон крајот на 19 век.

Легенди и приказни

Камениот Мост е опкружен со многу легенди и мистерии. Една од најпознатите легенди вели дека во темелите на мостот е заѕидана девојка, како жртва за да се обезбеди неговата стабилност. Оваа легенда е дел од многу балкански приказни за градби кои бараат човечка жртва за да бидат трајни и стабилни.

Друга интересна приказна е поврзана со османлискиот султан Мехмед II, кој наводно го наредил неговото рушење во еден момент, но бил спречен од локалните жители кои го убедиле во неговата историска и стратешка важност.

 

Камениот мост како симбол на Скопје

Со текот на времето, Камениот Мост стана симбол на Скопје. Тој е приказ на историската траекторија на градот, од античките времиња, преку средновековието, па се до денес. Многу значајни настани од македонската историја се поврзани со овој мост. Тој ги преживеал земјотресите, војните и многуте промени кои го обликувале градот.

Мостот денес претставува и една од најважните туристички атракции во Скопје. Тој привлекува посетители од целиот свет кои доаѓаат да ја почувствуваат историската атмосфера и да се восхитуваат на неговата архитектонска убавина. На мостот често се одржуваат културни манифестации, концерти и разни настани, што дополнително го збогатува неговото значење како централна точка во културниот живот на Скопје.

Насловна фотографија: Александар Стојчевски

АКТУЕЛНО