Search
Search

Градскиот парк во Гостивар станува заложник на три катни гаражи, кој е одговорен?

Градскиот парк во Гостивар има површина од околу 66.840 метри квадратни од кои дел се простира од левиот брег, а дел од десникот брег на реката Вардар се всушност најголемата и најзначајната зелена површина или како што коментираат гостиварчаани „белите дробови“ на градот.

Во изминатите години градот го промени својот изглед со тоа што се изградија голем број на нови згради и буквално се узурпираше центрарот на Гостивар, така што се создаде реална потреба од паркиралишта, но како што коментираат гостиварчани не по цената на уништување на Градскиот парк. Токму затоа колку и да се законски, тие се прашуваат дали е оправдана изградбата на три катни гаражи токму на површина каде се простира Градскиот парк иако според информациите од Катастар се работи за градежно земјиште.

Една од овие гаражи веќе е во функција, како што потврдија од општина Гостивар, додека пак за другите две се во рамки на истата физибилити студија, но за нив сеуште нема дозвола за градба.

-Како прво не е точно информацијата дека општината има дадено дозвола за градба за три катни гаражи во паркот на градот, и не е точно информацијата дека три катни гаражи ќе се изградат во паркот на градот. Општина Гостивар досега има издадено едно одобрение за градeње за една катна гаража во близина на паркот која е дадено согласно ГУП од 2016 г. и согласно ДУП за Блок 3 од 2020г. Одобрението е издадено во 01.06.2023г, вели за Градска.мк Семир Зулбеари раководител на одделението за урбанизам во општината.

Тој иако негира дека катната гаража е близу паркот, сепак за нејзината изградба се исечени голем број стари дрвја и се наоѓа на површина на паркот.Зулбеари потврди дека општината побарала изработка на физибилити студија за изградба на катни гаражи од фирмата КОЛЕНКО ДООЕЛ, а сумата исплатена за овој проект е 594.000,00ден без вклучен ДДВ и ДДВ во висина од 18% во износ од 106.920,00ден.

Претседателот на ОК ВМРО- ДПМНЕ потпишан на физибилити студијата, а сега е советник во општината

Според податоците до кои успеавме да стигнеме, актуелниот претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Гостивар и советник во Советот на општината Гоце Димовски, во јануари 2021 година како проект менаџер учествувал во изработката на физибилити студијата со која се утврдува оправданоста за изградба на три катни гаражи во Гостивар, изготвена од Друштво за инженеринг и консалтинг КОЛЕНКО ДООЕЛ.

Иако оваа одлука ја изгласал претходниот совет на општината, сепак Димовски знаел дека ќе се прави ваква узурпација на паркот бидејќи токму неговото име стои на физибилити студијата која ја одобрила општина Гостивар, па како советник во новиот состав од редовите на ВМРО- ДПМНЕ не реагирал откако отпочнале градежните работи на оваа локација бидејќи општината дала дозвола за градба токму оваа година во јуни.

Димовски за Градска.мк потврди дека учествувал во изработка на физибилити студија но не со Друштвото за инженеринг и консалтинг КОЛЕНКО ДООЕЛ туку како дел од тимот во периодот од ноември 2020 – јануари 2021 година согласно склучен договор во Октовмри 2020 со AФ – ЦОНСУЛТ Д.О.О.Е.Л Скопје кој е правен претходник на Друштво за инженеринг и консалтинг КОЛЕНКО ДООЕЛ и не гледа никаков проблем во неговиот ангажман иако од секторот за урбанизам велат дека договорот е склучен со КОЛЕНИКО ДООЕЛ.

-Претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Гостивар сум заклучно од 26.06.2021 година, додека за советник во Советот на Општина Гостивар сум избран на локалните избори одржани на ден 17.10.2021 година со што мојот мандат како советник во Советот на Општина Гостивар започнува од Ноември 2021 година. Согласно претходно наведеното може да се констатира дека мојот ангажман како консултант – дел од тимот за избработка на физибилити студија е во период кога не сум бил претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Гостивар, а воедно ни сум бил активен советник во Советот на Општина Гостивар, појаснува тој.

Сепак, Димовски како претставник во сегашниот Совет на општината ниту реагирал на узурпацијата на паркот и уништувањето на зелената површина, ниту пак општината видела проблем со тоа што катната гаража ќе се гради близу паркот врз основа на истата физибилити студија го одобрила градењето на Катната гаража.

Што пишува во физибилити студијата на Димовски?

За надминување на сообраќајниот метеж и хаосот по гостиварските улици, катните гаражи се навистина соодветно решение, и како што се појаснува во членот 2 од УРЕДБАТА ЗА СОДРЖИНАТА НА ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈАТА ЗА ОПРАВДАНОСТ НА КОНЦЕСИЈАТА НА ДОБРА ОД ОПШТ ИНТЕРЕС ИЛИ НА ЈАВНОТО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО предвидува дека „При изготвувањето на физибилити студијата за оправданост на концесијата на добра од општ интерес или на доделувањето на договори за воспоставување на јавно приватното партнерство особено ќе се земе во предвид јавниот интерес, финансиското влијание на концесијата на добро од општ интерес, односно на јавното приватно партнерство врз буџетот на концедентот.

Сепак, катните гаражи според гостиварчани узурпираат дел од Градскиот парк, како што додаваат белите дробови на Гостивар.

Како што е наведено во самата физибилити студија, катните гаражи се предвидуваат на следните три локации:

– локација бр. 1 има пристап до ул. Чеде Филиповски. Се наоѓа во близина на градскиот парк, градската спортска сала, станбени згради, јавни и приватни институции

– Локација бр. 2 има пристап до ул. Кеј Вардар. Се наоѓа во близина на градскиот парк и градската спортска сала, каде што во текот на денот има голема фреквенција на возила

– Локација бр. 3 има пристап до ул. Болничка и ул. Болничка 2. Се наоѓа во комплексот на градската болница, каде што во текот на денот има голема фреквенција на возила.

Иако не е наведено и третата локација е во близина на градскиот парк, затоа што самиот комплекс на градската болница е сместен во непосредна близина на паркот, а во самата физибилити студија е наведено дека за локација бр.2 и локација бр. 3, потребно е да се обезбеди минимален процент од 20% зеленило во рамки на градежната парцела согласно Законот за урбано зеленило.

Димовски вели дека со физибилити студијата не се планира изградба на објект?!

Збунувачки е одговорт на Димовски за Градска.мк кој вели дека согласно Уредбата за содржината на физибилити студијата за оправданост на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство појаснува дека со Физибилити студија не се предвидува изградба на објект, а во случајот катната гаража е изградена врз основа на таа физибилити студијата.

-Согласно позитивните законски прописи во Македонија локација за изградба на било кој објект се предвидува исклучиво со Детален урбанистички план за кој претходно се добиваат позитивни мислења од сите надлежни државни институции вклучително и Министерството за животна средина кој претставува орган на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, вели тој за Градска.мк.

Како што додава Димовски неговиот хонорар за консултантските услуги е деловна тајна, а според него предметните локации за катни гаражи се претходно утврдени во Детален урбанистички план Блок 3 за кој постои согласност дадена од страна на Министерството за транспорт и врски во Јануари 2020 година, со што може да се констатира дека се добиени сите потребни позитивни мислења од надлежните инстутиции вклучително и од Министерството за животна средина кој претставува орган на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Фото: Гостивар прес

Соња Танеска

 

АКТУЕЛНО