Search
Search

Клуч на врата за училишните кујни во Карпош: 9 деца заразени со салмонела

Се затвораат кујните во три основни училишта во Општина Карпош – во „Владо Тасевски“, „Јан Амос Коменски“ и „Војдан Чернодрински“ откако кај 9 ученици од овие училишта е потврдена салмонела. Оваа информација „Слободен печат“ ја доби од општината.

Во ОУ „Војдан Чернодрински“ од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна за појадок и ручек, кај три ученици од Центарот за јавно здравје потврдиле дека имаат салмонела.

Во ОУ „Јан Амос Коменски“ од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна за појадок и ручек, кај еден е потврдено дека има салмонела.

Во двете училишта се работи за ученици од прво одделение.

Во ОУ „Владо Тасевски“ има потврдени 5 случаи од прво до четвртто одделение, од 350 ученици кои јадат во училиштето.

Во петокот на дневното мени имало мекици без јајца за појадок и спанаќ без месо со кисело млеко за ручек.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени. Фирмата која го врши снабдувањето со храна во сите основни училишта во Карпош самата побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ „Димо Хаџи Димов“ каде нема регистрирани случаи но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“ потврдува дека вчера Центарот за јавно здравје Скопје ги известил дека во одделението за епидемиологија се пристигнати 7 пријави за заболување од заразна болест салмонела кај ученици кои посетуваат настава во 3 основни училишта на територија на Општина Карпош.

Во текот на денешниот ден ДСЗИ во соработка со преставници од Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје како и со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изврши вонредни инспекциски надзори во објектите кои се засегнати со конкретната состојба со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување, велат од ДСЗИ.

Извор „Слободен печат“

 

АКТУЕЛНО