Search
Search

Кои производи стануваат луксуз?

Министерството за финансии на својата интернет страница ја објави редуцираната листа на производи за јадење кои ќе останат со повластена даночна стапка од 5 отсто кога ќе се донесат измените на Законот за данок на додадена вредност. Останатите продукти кои ги нема во однос на претходните одлуки најверојатно ќе поскапат на пазарот откако ќе добијат поголеми стапки од 10, односно 18 проценти оданочување. Станува збор за список, според Министерството за финансии, за „основни производи за човечка исхрана“.

Во новата работна верзија која треба да ја одобри Владата како подзаконски акт ја нема морската храна и раковите, сушената риба, сурутката кај млечните производи, некои јајца што не се од кокошка, видови на тешко достапни печурки за пошироките потрошувачки маси како тартуфи, шитаке и јудино уво. Сето ова повеќе нема да има повластена стапка од 5 отсто.

Тука влегува и ароматизираниот и неароматизиран чај, сушениот зеленчук, а интересно е тоа што се отстранети од новата листа и инсектите како храна која допрва треба да стане модерна.

Го нема повеќе егзотичните производи како сладок компир, салеп, маниока, ерусалемска артичока и други слични коренити плодови. Од мирудиите, ги нема луксузниот шафран, куркумата, кари, циметот, пиперот, ванилата, семињата како тие од ким, анасон и други. Поголем данок ќе има и за модерните житни култури како киноа, фонио и тритикале.

Ги нема сончогледот за грицкање, лененото семе, кокосот, сусамот, семе од афион, брашно и гриз од компири, путерот од кикирики, палмино масло, кокосово масло, печурки во тегло без оцет, зеленчукот и овошјето што е конзервирано или поинаку преработено.

Претходно министерот за финансии, најавувајќи ја листата, рече дека голем дел од нив се од луксузен карактер. Фатмир Бесими тука ги спомена уште брашното од соја, гумени бонбони, тропското овошје, месото од ирвас, сирење со мувла. пармезан, вафли и обланди. Извесно е дека покачениот ДДВ ќе предизвика и поскапување на овие производи.

Измените во законот за ДДВ, данокот за добивка и солидарниот данок се дел од новата даночна реформа и веќе се во собраниска процедура, каде се разгледуваат со европско знаменце, односно по скратена постапка.

„Станува збор за производи што всушност и ги има на пазарот. Тие повторно ќе бидат со повластена тарифа, односно ќе бидат со 10 отсто данок. Овие производи и во земјите од регионот и во ЕУ воопшто немаат повластена тарифа“, изјави пред два месеци Бесими.

Производите кои ќе останат со повластена тарифа од 5 отсто може да се погледнат во следната одлука на Министерството за финансии.

Извор Фактор

АКТУЕЛНО