Колмар – живописен град со најубавите улички во светот

Од шармантни авении покриени со цвеќиња до импресивни булевари со историски градби – речиси секој град ја има „онаа“ улица која привлекува бројни туристи како магнет со својата убавина и богата историја. Секоја од нив има своја приказна и душа која го отсликува карактерот на градот во кој се наоѓа, пишува „Пун куфер“.

Престижното списание за патувања „Конде наст“ состави листа со најубавите улици во светот, а на прво место се најде стариот француски град Колмар и неговите шармантни улици.

Еден од најубавите мали градови во Европа

Шарени куќи со живописни фасади и препознатливи дрвени греди, слатки мостови кои се протегаат над реката Лауч, прекрасни слаткарници, ресторани и кафулиња кои мамат со својот бајковит шарм… Сето ова е Колмар, еден од најубавите мали гратчиња во Европа, а медиумите често го опишуваат и како најромантичниот град во светот.

Поради многубројните мостови и канали, градот го носи прекарот „Мала Венеција“, а поради своите 300 сончеви денови годишно, може да се пофали и со титулата најсончев град во Франција.

Таму е прекрасно во секое време од годината – најфотогенично е на пролет, кога сè е расцутено, а во зима се претвора во вистинска мала божиќна бајка.

Фото: Volha Kavalenkava / Panthermedia / Profimedia

Градот на романтиката

Колмар е град, но неговата „селска атмосфера“ е присутна на секој чекор.

Легендата вели дека Колмар е толку убав што за време на двете светски војни британските и американските сили намерно избегнувале да го бомбардираат. Како резултат на тоа, денес е еден од најдобро зачуваните стари градови во Франција.

Исто така, Колмар е главен град на вината од Алзас и е домаќин на годишниот саем за вино во Алзас во август, кој е стар дури шест децении. Овој настан привлекува околу 300.000 луѓе од целиот свет секоја година и нуди одлична забава и дегустација на врвни вина.

Фото: Dalibor Brlek / Panthermedia / Profimedia

Совршена туристичка дестинација

Иако Колмар е на 500 километри од Париз, најбрзиот воз може да ве однесе таму за само два и пол часа.

Француските железници се модерни, брзи и удобни, а многумина ќе се согласат дека нема ништо подобро од удобно да седите покрај прозорецот, со омилената книга и пијалокот до вас, и да уживате во прекрасната глетка однадвор.

Како јаготка на шлагот, вие ќе пристигнете во град кој е синоним за убавина, романтика и опуштена прошетка.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави