Search
Search

Комуналците во 2023 отстраниле 10 617 кубици ѓубре од дивите депонии во Скопје

Вкупно 159 196 тони комунален отпад подигнале и транспортирале екипите на „Комунална хигиена“ во текот на минатата година од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на Скопје, при што направиле 26 139 тури низ градот.

Собирањето и транспортот на комуналниот отпад од речиси 5000 надземни, подземни и полуподземни контејнери се реализирал секојдневно во три смени, додека приближно 85 000 канти наменети за ѓубре од индивидуалните домаќинства се празнеле двапати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови.

Во текот на минатата година комуналците отстраниле и вкупно 10 617 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на целата територија на градот.

Екипите на претпријатието континуирано ја одржуваа и хигиената на близу 6 милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење. Се спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија – информираа од „Комунална хигиена“.

Оттаму додаваат дека во 2023 година реализирале еко-предавања, акции и работилници во 30 основни и средни училишта во сите скопски општини, како и во 15 градинки, со цел да се подигне свеста кај младите за правилното постапување со отпадот и значењето на примарната селекција.

АКТУЕЛНО