Search
Search

Косово ја прави Србија одговорна, а Србија косовскиот премиер Курти

Припадник на косовската полиција го загуби животот, а неколкумина се повредени во судири со вооружена група во северниот дел на Косово, населена со мнозинство Срби. Од раните добиени во нападот почина полицаецот Африм Буњаку, потврдија косовските власти.

Според нив, полициските единици во неделата во раните утрински часови забележале поставување на два камиони без регистарски таблички на мостот на влезот во селото Бањска, кои го блокирале движењето.Единиците кои излегле на лице место биле нападнати, а еден од полицајците бил убиен.

Косовските власти соопштија дека напаѓачите – околу 30 мина- биле лоцирани во манастирот во селото Бањска во општина Звечан и околу него.

Фото – Од ФБ профилот на Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла

Имаше размена со огнено оружје со косовската полиција во текот на денот во неделата. Во вечерните часови косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла изјави дека се убиени тројца напаѓачи, додека шест лица за кои постои сомневање дека биле во контакт со нив се уапсени.

Од „грд напад“ до „ужасен терористички чин“ против косовската полиција, Борел ја заострува дефиницијата

„Целата територија на земјата е ставена под контрола“, рече Свечла, но не кажа дали другите вооружени лица заминале.

Според него, косовската полиција открила и големо количество оружје, вклучувајќи експлозиви, униформи, логистика, храна и опрема за барикади.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека шестмината уапсени, на кои им е одреден притвор од 48 часа, се осомничени за „тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „напад против уставниот поредок на Република Косово“. , „подготовка на терористички акти“ и „поседување на оружје без дозвола“.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нападот бил поддржан од Србија.

Говорејќи на прес-конференција, Курти ги опиша вооружените напаѓачи како „организирана професионална единица која дошла да војува на Косово“.

Од друга страна претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека вооружените лица се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можеле да го трпат теророт на Курт“.

Вучиќ го осуди убиството на косовскиот полицаец, велејќи дека тоа „не може да се оправда“, но негираше дека Белград има некаква врска со нападот.

На новинарско прашање од каде на локалните Срби им се униформите во кои се гледаат на фотографиите, Вучиќ рече дека тоа „не се униформи на српската војска или на српската полиција“. Униформите се купуваат насекаде на пазарот, рече тој. „Единствениот виновник за она што се случи на Косово е Албин Курти“, рече Вучиќ, критикувајќи го и Западот и, како што рече, неговото „лицемерие“ кога е Косово во прашање.

Реакција на НАТO

Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, реагираше по нападот врз косовската полиција на северот на земјата, осудувајќи го убиството и ранувањето на припадници на косовската полиција.

„НАТО најостро го осудува нападот врз косовската полиција… КФОР продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во Бањска, а војниците на КФОР се присутни во областа, подготвени да одговорат доколку биде потребно“, се вели во нивната објава на Твитер.

Од „грд напад“ до „ужасен терористички чин“ против косовската полиција, Борел ја заострува дефиницијата

 Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел на првичната реакција во врска со настаните на северот на Косово, ги опиша настаните ги како „гаден чин на вооружена банда против полицијата на Косово“, пишува Газета експрес.

Меѓутоа, во соопштението објавено од неговиот кабинет, каде што е прикажано за разговорите што Борел ги имал со премиерот Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Европската унија го нарече настанот на северот како „кукавички терористички напад врз косовската полиција“.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го прогласи понеделникот за ден на жалост, во чест на убиениот полицаец Африм Буњаку.

Белград и Приштина да се посветат на дијалогот додека не биде предоцна

Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти.

Мудорста на политичарите е да не потпаѓаат под провокации и да не влегуваат во сценарија кои не му носат добро на регионот, а тие две држави ќе ги вратат децении назад.

Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот, изјави за ЦИВИЛ МЕДИА, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

 

 

АКТУЕЛНО