Косово полно со фалсификувани монети од 2 евра

Косово е толку полно со фалсификувани монети од 2 евра, што и трговците веќе ги примаат и ги враќаат како кусур, пишува Ројтерс во репортажа од Приштина.Продавачите и келнерите по навика ги разгледуваат монетите што ги добиваат, од око им ја одредуваат тежината, но обично ги прифаќаат. Продавач во дуќан во Приштина вели дека „од 11 монети во касата, 6 сигурно се фалсификувани“.

Полициската лабораторија објаснува дека само во првата половина од оваа година регистрирале повеќе од 30.000 сомнителни монети од 2 евра, седум пати повеќе отколку во истиот период лани. До обвинителството лани биле испратени барања за 804 случаи на фалсификување, а годинава 486. Во полицијата истакнуваат дека ситуацијата значително се влошила пролетта. Во април бил уапсен маж што од Северна Македонија на Косово пренесувал 10.600 лажни монети од 2 евра.

Централната банка побара од банките и финансиските институции да ја пријавуваат секоја лажна монета, но и купувачите и продавачите се воздржуваат, за да не си отворат легални проблеми.

 

АКТУЕЛНО