Search
Search

Ковачевски нема да се сретне со Лавров: Народот во Украина заслужува мир, а ова не е дипломатската победа на Русија, туку на ОБСЕ

Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа,“ изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешниот 30- ти министерски состанок на ОБСЕ кој се одржува во Скопје.

Премиерот информираше дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Народот во Украина заслужува мир и војната мора да запре, постигнувањето на праведен и одржлив мир преставува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ, затоа како клучно безбедносно прашање на нашиот регион, централен приоритет за нашето претседавање е суштинска поддршка за Украина“, изјави Ковачевски.

„Секој изминат ден и изгубени животи, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста“, додаде Ковачевски.

Според него, бојкотот на одредени земји кои не испратија свои министри на состанокот, е на некој начин порака за, како што посочи „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.

Премиерот истакна дека во рамки на македонското претседавање со ОБСЕ должно внимание е посветено и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.

АКТУЕЛНО