Search
Search

Ковачевски: Секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија на Русија врз Украина

Ако ОБСЕ пред 30 години и помогна на Македонија, денес ние помагаме на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа. Се надевам дека на денешниот состанок ќе бидат потврдени одлуките што веќе се разговараа на ниво на амбасадори и дека ОБСЕ ќе продолжи да работи успешно, изјави премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на Министерскиот состанок на ОБСЕ, што се одржува во Скопје.

– Претседаваме во најтешката година за ОБСЕ, со оглед на тоа дека организацијата се соочи со големи предизвици во светло на неоправданата агресија што Русија ја направи врз Украина но се надевам дека ќе бидат потврдени улогите за избор на нов претседавач и избор на четирите најважни функции, како и донесување на буџетот – додаде Ковачевски.

Во врска со прашањето како го коментира тоа што на состанокот не дојдоа повеќе министри, тој рече дека секоја земја на свој начин испраќа порака за, како што посочи „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.

– Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија која Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно отсуство, некои со нивно присуство и со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија. Истото ќе го направам и јас на првото излагање коешто ќе го имам денеска на отворањето на овој значаен настан, рече премиерот.

На новинарско прашање дали ова претставува дипломатска победа на Русија, тој одговори „не“.

– Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа, рече Ковачевски.

Тој информираше дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Посочи дека очекува успешен состанок и се заблагодари на сите вклучени во организацијата.

– Се заблагодарувам на Министерството за надворешни работи за успешното претседавање во текот на целата година и на адресирањето на најважните безбедносни прашања во регионот на Европа, меѓутоа секако и во нашиот потесен регион во насока на обезбедување на долготраен мир и стабилност, рече премиерот Димитар Ковачевски.

 

АКТУЕЛНО