Search
Search

Курти и Вучиќ на средби со европските лидери во Брисел

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се во Брисел на серија одвоени средби со лидерите на Европската Унија (ЕУ).

Според портпаролот на ЕУ, Питер Стано овие одвоени средби на 26 октомври се продолжување на процесот што започна минатиот викенд, кога таканаречените западни претставници на „Големата петорка“ ги посетија Приштина и Белград.

„Идејата е овие средби да се одржат на маргините на самитот на ЕУ, како знак на поддршка за враќање на дијалогот. Пораката на ЕУ е дека очекуваме двете страни, Србија и Косово, веднаш и непречено да се вратат на обврските кои произлегуваат од дијалогот и веднаш да се работи на намалување на тензиите и рестартирање на дијалогот“, рече Стано.

Курти и Вучиќ одделно ќе бидат примени од германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Џорџо Мелони.

На средбата ќе присуствува и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, кој ќе ги информира шефовите на држави и влади на ЕУ за состојбите во процесот на нормализација на односите со Косово и Србија.

Стано рече дека засега не е планирана каква било средба меѓу Курти и Вучиќ. Сепак, некои дипломатски извори во Брисел рекоа дека нивната заедничка средба ќе зависи од средбата со европските лидери.

Стано потврди дека планот на „Големата петорка“ содржи „модерен европски предлог“ за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, додека, според извори од ЕУ, од Србија се бара да ја потврди поддршката за спроведувањето на Охридскиот договор за нормализација на односите.

Курти и Вучиќ последен пат се сретнаа на 14 септември, но без напредок.

Десетина дена подоцна се случи напад во Бањска, каде вооружени групи Срби ја нападнаа косовската полиција при што загина еден полицаец. За време на конфликтот беа убиени и тројца српски напаѓачи, што предизвика загриженост за стабилноста во регионот.

Овој процес за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија започна во 2011 година со посредство на ЕУ и поддршка на САД. Партиите постигнаа десетици договори за таа цел, но многу од нив никогаш не беа спроведени.

АКТУЕЛНО