Search
Search

Легализација на дивоградби по принцип „тргни-застани“, уште илјадници барања чекаат решение

Дванаесет години откако беше донесен Законот за постапување со бесправно изградени објекти во Скопје има уште илјадници дивоградби што сѐ уште не се легализирани. Граѓаните што имаат ваков проблем и кои со години чекаат да добијат решение со кое нивниот дом нема повеќе да се смета за дивоградба, се разочарани од бавната постапка и прашуваат која е причината поради која, според нив, процедурата е закочена и тешко се одвива, пишува „Слободен печат“.

Од 2011 година, кога за првпат се овозможи легализација во Агенцијата за катастар на недвижности, се запишани повеќе од 300 илјади објекти за кои се издадени решенија со документација. Колкав е бројот на објекти кои чекаат вакво решение и колку од нив се во Скопје тешко е да се прецизира, затоа што секоја општина располага со свои бројки на барања за легализација на својата територија. Притоа, дел од скопските општини воопшто не се расположени да одговорат на ова прашање.

Во Општина Ѓорче Петров до 31.12.2022 година поднесени се 12.484 барања за легализација, а решени се 7200 предмети, што значи дека решение чекаат уште 5284.

Во поголемиот дел од предметите кои се спорни, најчеста причина се нерешени имотно-правни односи меѓу барателите. Исто така, барателите се условени и со согласности (изјави). Често се соочуваме и со предмети во кои учесници во постапката се починати лица и се спроведува оставинска постапка. Барателите се соочуваат и други реални проблеми кои на некој начин го забавуваат процесот на легализација – објаснуваат од Општината.

Оттаму тврдат дека процесот на легализација на бесправно изградени објекти се работи со засилено темпо во последните две години, односно откако новото локално раководство го презема раководењето со Општината. Според нив, во наведениот период четирикратно е зголемен процентот на реализација на овие предмети.

И од Општина Кисела Вода велат дека новото општинско раководството започнало динамичен процес на работа кој за процесот на легализација на дивоградбите значел решавање на сите предмети кои биле решливи.

Од пристигнатите 14.958 предмети беа решени сите за кои нема судски спорови, имотно-правни или други проблеми зависни од други институции. Конкретно, решени се 10.370 предмети, изготвени се 283 урбанистички согласности за кои чекаме странките да извршат уплата и да ги подигнат, за 48 решенија се чека на правосилност, 680 немаат поднесок – геодетски елаборат и треба да добијат негативен одговор за легализација, а 3.577 предмети се оние што не зависат од Општина Кисела Вода туку имаат нерешени имотно-правни спорови за кои постојат судски процеси. Имаат, на пример, згрешени геодетски елаборати за кои се известени дека треба да ги коригираат, а сѐ уште не го сториле тоа, има предмети за кои се чека на оставинска постапка или проблеми од сличен карактер, чие решение зависи од постапувањето на други институции – тврдат од Кисела Вода.

Како најчести проблеми со кои се соочуваат граѓаните што бараат легализација на објекти, од Општина Бутел исто така ги наведуваат нерасчистени имотно-правни односи какви што се неспроведување купопродажни договори, оставински постапки, договори за дар, судски постапки, но и технички грешки во геодетски елаборати, геодетски елаборати коишто се изготвени од фирми што немаат валидни лиценци, како и нерасчистени семејни односи. Па, така, поради тоа што не можат да се решат ваквите проблеми на барателите, сѐ уште има 1.953 активни барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, а решени се 6.553 предмети од доставените 8506 барања за легализација.

Службениците секојдневно вршат увид во поднесените барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Истовремено, службениците детално го разгледуваат секој предмет. Исто така, доколку е потребно, на барателите им се укажува да достават дополнителни прилози кон барањето. По доставување на целосната документација се пристапува кон изготвување формално правни акти, коишто се предвидени во тековната постапка – велат од Бутел.

Сепак, граѓани реагираат дека барањата за легализација не се секогаш „заглавени“ поради причините што ги наведуваат општините. Има случаи кога е констатирана грешка во елаборатите, па потоа е отстранета и оттогаш повторно се чека со години за решение.

Објектот за кој барам легализација е изграден во 2007 година. Уредно ги поднесов потребните документи во Општина Аеродром откако беше овозможена легализацијата, за после долг период да ми одговорат дека некои елементи во бањата не ми се во согласност со поднесениот елаборат. Ги направивме промените што ги бараа и повторно ја поднесовме документацијата во општина во 2019 година. Оттогаш поминаа четири години и ниту некој дојде да провери дали е се во ред ниту добивме некое известување. И така, уште си чекаме – објаснува жител на Горно Лисиче.

Од Општина Аеродром и покрај тоа што побаравме објаснување колку барања за легализација се поднесени и колку се решени, а што е најважно – зошто за решавања на некои од нив се чека со години и каде е закочен проблемот, не почувствуваа потреба да одговорат.

Законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти беше донесен во 2011 година и се однесуваше на дивоградби изградени до денот кога овој закон стапи на сила. Од самиот почеток постапката се одвиваше бавно и реализацијата беше многу слаба. Потоа, законското решение претрпе повеќе измени. Со последната измена во Законот во 2021 година, се продолжи неговата примена за уште пет години за да се постапува по предметите кои од најразлични причини останаа нерешени.

На предлог од Министерството за транспорт и врски во државното Собрание е доставен нов предлог-закон, со кој би требало да се опфатат дивоградби изградени до јануари 2021 година, кој сѐ уште не е донесен.

Извор: Слободен печат

 

АКТУЕЛНО