Пратениците го донесоа Законот за употреба на македонскиот јазик, кој ќе го замени досегашниот од 1998 година. Законот беше дополнет со прифатени амандмани на матичната собраниска Комисија за култура и донесен во целина со гласовите на сите 96 присутни пратеници на 139. седница, која ја водеше новоизбраниот претседател на Собранието, Јован Митрески, без против и без воздржани гласови.
Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, со објавување на името на лекторот, задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми, со што се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Ќе се формира и Инспекторат за надзор над примената на законот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во излагањето пред гласањето рече дека со многу труд, посветеност и ентузијазам успеале да ги исполнат заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Посочи дека по неколку незначителни измени на досегашниот закон, стар 25 години, новиот закон нуди решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми во функција на зајакнувањето на почитување на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
– Денес правиме вистински потфат во унапредување на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Односот кон јазикот јасно ги покажува нашите намери и на сите оние што учествуваа во транспарентната постапка на негова подготовка. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси. Со изгласувањето на овој закон не добиваме само нов и современ закон за македонскиот јазик, туку и пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Рече и дека новиот закон дава правна основа за да се донесе национална стратегија за македонскиот јазик, а од него произлегуваат и важни иницијативи, како стипендирање ученици од четврта година средно образование и студенти на додипломски, магистерски и докторски студии, со што смета дека се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.